Папата Франциск ја предводеше Великипеточната миса во базиликата Свети Петар, во пресрет на ноќната поворка на Станиците на Крстот во Римскиот Колосеум.
Франциск ќе го предводи Велигденското бдение на Велика Сабота, а потоа во недела ќе ја предводи велигденската миса и ќе ја прочита својата порака и благослов „Urbi et Orbi“ (Кон градот и светот), што Папата го прави двапати годишно од средишниот балкон на плоштадот Свети Петар.
Тој пристигна на мисата во инвалидска количка
Осумдесет и седум годишниот папа, кој има респираторни проблеми и отежнато движење, изгледал подобро оваа недела, јавува Ројтерс.
Тој пристигна на мисата на Велики петок во инвалидска количка и им се придружи на кардиналите и епископите во служба за Страдањата Господови.
Претходните години папата Франциск ја започнуваше церемонијата со легнување на мермерниот под на базиликата, но неговата физичка состојба повеќе не му го дозволува тоа.
Наместо тоа, тој тивко се молеше пред олтарот од неговата инвалидска количка.
Една од ретките служби каде што папата не држи проповед
Страдањата Господови содржат песни на латински за настаните од апсењето на Исус до неговото погребување, а тоа е една од ретките богослужби во кои папата не држи проповед, туку проповедник на Папскиот дом.
Подоцна денеска, Папата ќе ја предводи поворката по Патот на Крстот во Колосеумот.
Папата Франциск лично ги напиша овогодинешните текстови за Патот на Крстот, први во неговото 11-годишно папство.
Тие вклучуваат пофалби за благост и простување како одговор на злото и молитви за прогонетите христијани и жртвите на војната. Тие, исто така, ги фалат жените кои му помагале на Исус додека го носел крстот и се залагаат за „оние жени кои во наше време се експлоатирани и трпат неправда и понижување“.