Папата Франциск од Јужен Судан: Црквите не смеат да останат неутрални кон неправдата!

43

 Папата Франциск денеска за време на неговата посета на Јужен Судан, како дел од „аџилакот за мир“, изјави дека црквите во оваа земја не можат да останат неутрални и мора да го кренат гласот против неправдата и злоупотребата на власта.

Папата Франциск зборуваше пред католичките бискупи, свештеници и калуѓерки во катедралата Света Тереза ​​во главниот град Џуба.

Папата, кој од вчера се наоѓа во посета на Јужен Судан со надбискупот од Кантербери, Џастин Велби, кој е водач на глобалната англиканска заедница, и модераторот на Генералното собрание на црквата на Шкотска, Ијан Гриншилдс, во текот на денот ќе учествува во екуменското молитвено бдение во мавзолејот за херојот за ослободување на Јужен Судан, Џон Гаранг, а на кое се очекува да присуствуваат 50.000 лица.

Јужен Судан е претежно христијанска земја и десетици илјади лица вчера со скандирања и тапани го пречекаа папата во Џуба.

Според Обединетите нации, во Јужен Судан има 2,2 милиони внатрешно раселени лица од вкупното население од околу 11,6 милиони, а 2,3 милиони се бегалци.

Британските медиуми пренесуваат дека екстремната сиромаштија и глад се широко распространети, а две третини од населението во земјата има потреба од хуманитарна помош поради конфликти и катастрофални поплави.

По две децении внатрешни конфликти во 2011 година Јужен Судан се отцепи од Судан и стана независна држава, но веќе во 2013 година во земјата изби граѓанска војна.

И покрај мировниот договор од 2018 година, насилството и гладот ​​продолжуваат да владеат со Јужен Судан, а во пресрет на пристигнувањето на папата, 27 лица загинаа во конфликт меѓу сточари и локални милиции.