Очекував да имам ваква ноќ

78

Фудбалерите на Милан обезбедија пласман во полуфиналната рунда од Купот на Италија откако на “Сан Сиро” со 2:0 ја добија 1/4 финалната пресметка против фаворизираниот тим на Наполи. Двата погодока на натпреварот беа дело на последната зимска аквизиција на “росонерите”, Кжиштоф Пјатек.

Полскиот интернационалец во 11. минута ја искористи големата грешка на противничкиот дефанзивец Никола Максимовиќ и го постигна дебитантскиот погодок во “црвено-црниот” дрес, а 27 минута излезе како победник и во дуелот со Калиду Кулибали.

По натпреварот, големото засилување од редовите на Џенова изјави дека е среќен поради победата, но додаде дека не е премногу изненаден од дебито во дресот на Милан.

  • Очекував да имам ваква ноќ. Кажав дека сум подготвен, а ова е само ветер во мојот грб. Задоволен сум и ова е нешто прекрасно. Сепак, ова е само почеток. Двата погодока беа фантастични, но различни. Пред натпреварот разговарав со Лаксал и Борини. Им кажав, ако е можно, да ми дадат долги топки. Сакам такви додавања. При вториот погодок пред себе го имав Кулибали, тешка ситуација, но се заврши како што треба. Беше прекрасно да се игра на “Сан Сиро” и благодарност до фановите за поддршката. Јас веќе сум фокусиран на следниот натпревар против Рома, изјави 23-годишниот напаѓач.

Милан за противник во полуфиналната рунда ќе го има подобриот од дуелот помеѓу екипите на Лацио и Интер. Првиот натпревар е закажан за 27 февруари, а реванш дуелот на 24 април. Финалниот дуел ќе се одигра на 15 мај на “Олимпико” во Рим.