Патохистолошкиот наод, микробиолошкиот и молекуларниот наод од Факултетот за ветеринарна медицина утврди дека угинувањето на жирафата Флопи се случило како последица на малиген тумор во црниот дроб и метастази во белите дробови, соопшти ЗОО Скопје.
По добиените официјални резултати од обдукцискиот протокол за угинувањето на жирафата Флопи, од ЗОО Скопје соопштија дека врз основа на патохистолошки наод, и микробиолошкиот и молекуларен наод од Факултетот за ветеринарна медицина е добиен заклучок во кој се констатира дека жирафата Флопи угинала како резултат на малиген тумор во црниот дроб и метастази во белите дробови.
„Оваа подмолна болест е една од најфаталните во 21 век, од која како и луѓето, страдаат и голем број животни. Ракот на црниот дроб се смета за „тивок убиец“, а кај Флопи агресивен карцином веќе метастазирал и во белите дробови, кој тешко се дијагностицира во рана фаза.
Се уште сме тажни поради оваа голема загуба, бидејќи во ЗОО Скопје вработените и животните, сите заедно, сме едно големо семејство. Флопи ќе го паметиме по неговата грациозност, специфичните шари на телото, неговата голема љубов кон зоонегувателите импосетителите, како и по мирниот карактер. Еден дел од нашите срца засекогаш ќе остане празен после неговото заминување“, се истакнува во соопштението од ЗОО Скопје.
27.11. 2023 година, како што велат, за нив бил трагичен ден.
„Прво со веста за починувањето на нашиот сакан колега Ристе, а неколку часа подоцна за жал не напушти и жирафата Флопи, и покрај сите напори, грижа и максимална ангажираност на сите вработени во ЗОО Скопје кои деноноќно се грижеа за неа“, се истакнува во информацијата.