Остварувања на режисерот Јержи Сколимовски во Кинотека, Недела на полскиот филм од 6 до 10 декември 

221

Полскиот режисер Јержи Сколимовски има кариера што трае повеќе од 60 години, а чии филмови од шеесеттите години на минатиот век се сметаат за најава на новите естетски тенденции во полската кинематографија. Од 6 до 10 декември, во Кинотеката ќе се одржува Недела на полскиот филм со прикажување на остварувања на режисерот Јержи Сколимовски

Во Кинотеката, од 6 до 10 декември, ќе се одржува Недела на полскиот филм со прикажување на филмови на режисерот Јержи Сколимовски.

„Полскиот режисер Јержи Сколимовски, легендата на полското и на европското кино, има кариера што трае повеќе од 60 години. Неговите филмови од шеесеттите години на минатиот век се сметаат за најава на новите естетски тенденции во полската кинематографија. Токму во тоа ќе може да се уверат филмофилите, гледајќи ги неговите филмови во првата половина на месецов. Она што е за одбележување е проекцијата на, можеби, најценетиот филм на Сколимовски – ‘Рацете горе’, за товарот на сталинистичкото минато на Полска, забранет за прикажување во земјата цели 18 години“, посочуваат од Кинотеката.

Инаку, Јержи Сколимовски (роден во 1938, во Лоѓ, Полска) е и сценарист, драматург, актер и сликар. Почнувајќи како сценарист за „Невини волшебници“ на Анджеј Вајда, Сколимовски има снимено повеќе од дваесет филма од своето режисерско деби.

Ревијата на полски филм, на 6 декември (20 ч.) ќе започне со проекција на остварувањето „ИО“ (ЕО) од 2022 г., инаку последен филм на Сколимовски. „ИО“ е инспириран од филмскиот класик на Роберт Бресон од 1966 г. – „Балтазар, случајно“. Приказната го следи животот на магарето Ео откако ќе биде избркано од патувачки циркус. Улогите ги толкуваат Сандра Джималска, Лоренцо Зурзоло, Избел Ипер, Матеуш Кошчукјевич.

„‘ИО’ е еден од неговите најоригинални и визуелно најинвентивни филмови во неговата шеесетгодишна кариера, со кој тој покажува дека има уште што да каже. Филмот ја освои наградата од жирито на 75. издание на Канскиот филмски фестивал и влезе во потесниот избор за наградата ‘Оскар’ за најдобар странски филм во 2023 година“, истакнуваат од Кинотеката.

На 7 декември (20 ч.), пак, ќе се прикаже филмот „Белези на идентификација“ (Identification Marks: None). Остварувањето од 1965 година е деби на прочуениот полски режисер Сколимовски, како и првиот филм од циклусот за судбината на Анджеј Лешчиќ – млад, чувствителен човек, загубен во комунистичкото полско општество, кој очајнички бара излез од безнадежното и бесцелно секојдневие. Анджеј е алтер егото на Сколимовски, самиот режисер го игра главниот лик.

„Во времето кога се појави, ‘Белези на идентификација’ отвори нови естетски перспективи за полската кинематографија. Составен од само 29 кадри, филмот дава портрет на млад човек од генерацијата млади Полјаци во средината на 1960-тите. Заглавен меѓу различни можности, неконзистентен во своите постапки, со внатрешен немир, главниот лик очајно се обидува да си го најде своето место во светот“, додаваат од Кинотеката.

„Бариера“ (Barrier) е третиот филм на Јержи Сколимовски од 1966 г., во кој тој продолжува со својата опсесија со животите на младите луѓе во комунистичка Полска. Неговата проекција во Кинотеката ќе биде на 8 декември (20 ч.). Филмот е психолошка драма чиј херој – еден млад, модерен човек – се обидува да ги надмине бариерите во својот живот: возраста, парите, конвенциите и хиерархијата. Главната улога ја толкува Јан Новицки.

На 9 декември (20 ч.), ќе има проекција и на вториот игран филм на Сколимовски – „Лесна победа“(Wаlkower) од 1965 г., со кој тој ја продолжува приказната за неговото алтер его, Анджеј Лешчиќ, кој ги напушта студиите и доаѓа во мало гратче каде што ја среќава својата поранешна соученичка Тереза, менаџер во енергетска централа. Улогите ги толкуваат режисерот Сколимовски и Александра Завјерушанка. „’Лесна победа’ е едно од ремек-делата на полскиот нов бран од средината на шеесеттите години на минатиот век. Тоа е егземпларен пример на филмскиот модернизам, кој во дрскоста, отфрлањето на авторитетите и револтот има доста заедничко со филмовите од францускиот нов бран“, истакнуваат од Кинотеката.

Недела на полскиот филм завршува со филмот од 1981 година – „Рацете горе“ (Hands Up!), чија проекција во Кинотеката ќе биде на 10 декември (20 ч.).

„Рацете горе“ е четвртиот филм од серијата автобиографски филмови во кои познатиот полски режисер го игра своето алтер его – Анджеј Лешчиќ. Во него, петмина млади луѓе повторно се среќаваат во товарен воз, десет години по дипломирањето на медицинскиот факултет. Тие се навраќаат на своето заедничко минато, кога била Полска под сталинизмот. Улогите ги толкуваат Сколимовски, Јоана Шчербиц, Тадеуш Ломницки. „Поради прикажувањето на сталинистичкото минато, филмот 18 години беше забранет во комунистичка Полска, што е и главна причина за тоа што Сколимовски набрзо потоа ја напушта земјата. Новата верзија на филмот е премонтирана и додадени се нови архивски снимки“, додаваат од Кинотеката. (Н.И.Т.)