Османи за намалувањето на платите на функционерите: „Јас живеам од оваа плата и важно ми е“

215

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи вели дека живее само од плата која му е важна и според него, не мисли дека е за фалење кога политичарите велат дека не им е битна платата.

-Јас живеам само од оваа плата и ми е важно. Во овој случај разбирам дека приоритет треба да бидат тие со плати околу минималната. Мислам тоа е клучно и ако ни дојде редот на нас во ред, ако не приоритет се тие граѓани во ова време на инфлација и на поскапување и треба да им се посвети внимание, изјави Османи.

Иако беше најавено намалување на платите на функционерите кои пред седум месеци добија плати покачени за речиси 80 проценти, се уште се бара решение како тие да се намалат.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека во наредните една до две недели треба да има решение за висината на платите на избраните и именуваните функционери, а кое ќе биде прифатливо, одржливо и нема да биде предмет на поништување од страна на Уставниот суд.