Опозицијата прашува дали новите министри се на предлог на крилото на Зијадин Села или се на ДУИ?

Собранието во рамки на 143. седница, денеска, расправаше за изборот на Илир Демири и Наим Бајрами за министри за здравство и за информатичко општество и администрација, во техничката влада, на местото на нивните сопартијци Фатмир Меџити и Азир Алиу, кои во петокот беа разрешени на предлог на техничкиот премиер Талат Џафери. Претседателот на техничката влада, Талат Џафери, рече дека за министрите нема што да каже повеќе од тоа што за нив го зборуваат нивните дела и нивните биографиите кои им се доставени на пратениците. За пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ е несериозно да се назначуваат министри 85 дена до крајот на техничката влада бидејќи сметаат дека тие не можат ништо да придонесат во овие ресори. Обвинија дека се троши времето во Собрание за вакви пародии влези-излези во Владата, наместо да се носат закони што ќе ги подобрат условите на граѓаните.

899

 

Собранието ја продолжи 143. седница со расправа за изборот на нови министри за здравство и за информатичко општество и администрација откако во петокот беа разрешени Фатмир Меџити и Азир Алиу од Алијанса за Албанците.

Со неколку реченици техничкиот премиер Талат Џафери пред пратениците ги образложи предлозите за нови министри за здравство и за информатичко општество и администрација Илир Демири и Наим Бајрами откако во петокот беа разрешени Фатмир Меџити и Азир Алиу од Алијанса за Албанците.

Новиот министер за здравство Илир Демири доаѓа од позицијата директор на Клиничката болница во Тетово, а Наим Бајарми, кој е предлог министер за информатичко општество и администрација е информатичар.

Џафери рече дека за министрите нема што да каже повеќе од тоа што за нив го зборуваат нивните дела и нивните биографиите кои им се доставени на пратениците

Особено за предлогот за здравство, Илир Демири, нема потреба од претставување зашто секој од нас, барем ние од Полог, имал прилика, лично или член на негово семејство, да помине во Клиниката и да видиме како ја води Клиничката болница во Тетово, рече Џафери.

За Наим Бајрами, пак, рече дека е магистер по информатичка технологија и, дека назначувањето во Министерството за информатичко општество е шанса тој како млад човек да се покаже и докаже во струката.

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека образложенијата на Џафери се оскудни и дека не секој млад човек има шанса да се докаже во државата како минстерот Бајрами. Предлагате министри, а не ученици кои треба да се приучуваат во државата, порача  пратеничката Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ.

-Раздели па владеј, тоа е тоа што го прават СДСМ и ДУИ, изјави Пешевска.

-Не знаеме на чиј предлог се овие министри, зад нив не стои политичка партија. Дали на лидерот на Алијанса за Албанците или на крилото на Зијадин Села. Дали се на предлог на ДУИ зашто очигледно тоа крило на Села е под контрола на ДУИ. Го трошиме времето во Собрание за вакви пародии влези-излези во Владата, наместо да се носат закони што ќе ги подобрат условите на граѓаните, изјави нејзиниот сопартиец Мирче Аџиоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата обвини и дека апсурдно е владата да именува министри по предлог на кадровска комисија на Алијанса во момент кога партијата се соочува со внатрешни поделби и се најавува и судски епилог. Што ако судот одлучи дека органите што ги има Алијанса кои предлагаат министри немаат мандат да носат одлуки, праша пратеникот Бојан Стојановски?

„Што доколку одлучи судот дека тие органи се нестатутарни? Дали сметате дека е сериозно да предложите министер за информатичко општество, а да кажете какво квалификација дека е млад човек и треба да му дадеме шанса. За што? Како министер да стекнува знаења и да учи?“, рече Бојан Стојаноски.

Според него, поради тоа што министри од функција учеле како треба да се работи, граѓаните се херметички затворени поради патните исправи.

„Токму затоа што стававме луѓе кои на функција учеа како треба, сега сме заробени во државата. Токму затоа сме херметички затворени. Ја донесовте државата на дереџе да менуваме закони за патни исправи. Таквите политики на приучување на луѓе нè донесоа на ниво да бираме министри за од функција да научат како да работат“, рече Стојаноски.

Во меѓувреме претседателот на Собранието, Јован Митрески денеска ја закажа и седницата на која ќе се разгледуваат предлог на законот за изменување на законот за безбедност на сообраќајните патишта по скратена постапка за во 15 часот. По ова имаше пауза на седницата на која на дневен ред беше именувањето на министрите.

Инаку, претходните министри Фатмир Меџити и Азир Алиу беа разрешени по предлог на техничкиот премиер Талат Џафери, кој од собраниската говорница, рече дека според законот, не може да има два опозициски субјекта во состав на Владата и дека тоа е основната причина зошто е предложено разрешувањето на двајцата министри.

Разрешувањето на двајцата министри уследи по расколот во Алијанса за Албанците откако актуелниот претседател на партијата Арбен Таравари побара поддршка од членството за коалиција со албанскиот опозициски блок на претстојните избори, со што не се согласува претседателот на Централното собрание Зијадин Села.

 

М.С.