Поради брзината со која се шират,  треба да се гледа на новите мутации посериозно, бидејќи повеќето луѓе се во непосредна опасност, особено постарите и хронично болните. Затоа, во консултација со колегите и со раководниот тим од Општата болница во Гевгелија, веќе се формирани тимови, направени се протоколи и сите други подготовки за да може спремни да го дочекаме есенскиот и зимскиот, не би го нарекол ковид-бран, туку „твинфекција“, односно преклопување на инфекциите од ковид и од грип. Дали ќе премине сето тоа во „твиндемија“ или во „двојна пандемија“, ќе може да го утврдиме тоа кога ќе се зголеми бројот на пациенти што ќе се тестираат – вели во интервју за весникот ВЕЧЕР епидемиолог доктор Сашо Олумчев

 

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

Ситуацијата со  коронавирусот во земјава не е загрижувачка, но бројот на заболени и на инфицирани постојано расте. Ако се додаде кон тоа и фактот дека има сè поголем број заразени со овој вирус и во соседните држави, тоа е доволен сигнал дека македонските здравствени власти треба навреме да се подготват за претстојниот зимски период, кога може да се очекува бројот на заболени да расте, иако, според епидемиолозите, вирусот има намален капацитет да предизвика потешки компликации. За новите подваријанти на ковидвирусот, пирола и елис,  за новите сезонски вакцини против ковид, за препораката за носење маски при посета на здравствените установи, како и за очекувањата како ќе се развива ситуацијата со ковидот кога ќе дојдат постудените денови, разговараме со епидемиологот во Центарот за јавно здравје – Велес, Подрачна единица Гевгелија, доктор Сашо Олумчев.

– Докторе, при нашето последно интервју за ВЕЧЕР , она што добро го запаметивме беа вашите зборови дека  ковидот и натаму ќе биде присутен во нашите животи и дека ќе треба да се навикнеме да живееме со него. Каква е моменталната ситуација кај нас со ковид-19?

Ситуацијата во моментот не е загрижувачка,  но бројот на ковид-пациенти расте, од едноставна причина што граѓаните повеќе се тестираат, а не дека има поголем број заразени. Вирусот има намален капацитет да предизвика потешки компликации. Во летниот период имавме една симптоматологија на појава на дијареја, повраќање, температура, болки во стомакот, премаленост, што не беше вообичаена, така што може да кажам дека половина од овие пациенти имаа ковид-симптоматологија, додека кај другата половина стануваше збор за стомачен вирус. Бидејќи и ковидот и стомачниот вирус заедно циркулираа меѓу граѓаните, не се обрнуваше поголемо внимание на сето ова.

Кога се појавија новите форми и мутации на омикрон варијантата на ковид-19, пирола и ерис, кои беа следени од референтните светски лаборатории, тогаш се вклучи црвеното светло за аларм. Американските, британските и азиските епидемиолози веднаш реагираа, затоа што пиролата веднаш беше класифицирана во мутација од интерес, бидејќи таа има дури 36 мутирања на протеинот на клетката, кои едноставно многу лесно го заобиколуваат имунолошкиот систем на нашиот организам. Кај ерисот, според мене, ситуацијата е посериозна, бидејќи е доста продорен, многу лесно го заобиколува одбранбениот механизам, па затоа во Америка, од 11 септември, веќе се дава и сезонска вакцина за овој „правнук“ на омикрон сојот, нормално, кај ризичната популација, постарите и хронично болните.

– Какви се моменталните бројки на инфицирани со ковидвирусот кај нас?

Во мај 2023 година, Светската здравствена организација прогласи крај на пандемијата ковид-19, но во август инциденцата повторно почна да расте, во светот и кај нас.

Во текот на август, во Република Македонија беа пријавени вкупно 112 случаи на ковид-19, за разлика од минатата година во тој месец, кога имаше над 12.000 случаи. Но, гледајќи го графиконот на забележани ковид-случаи во последните две недели од септември, може да кажам дека бројот на пријавени случаи е зголемен за 50 пати. Ако на 8 септември сме имале еден случај, во петокот, на 22 септември, таа бројка е искачена на 52 случаи, од кои дури половина се реинфекции. Ова покажува две работи. Прво, дека се очекува и во наредниот период, со враќањето на децата во училиште и со температурните промени, да се зголемуваат случаите на ковид, покрај другите вируси што веќе циркулираат и второ, имаме опаѓање на имунитетот што беше стекнат со вакцинирањето и прележувањето на овој вирус кај населението.

Поради брзината со која се шират, треба да се гледа на новите мутации посериозно, бидејќи повеќето луѓе се во непосредна опасност, особено постарите и хронично болните. Затоа, во консултација со колегите и со раководниот тим од Општата болница во Гевгелија, веќе се формирани тимови, направени се протоколи и сите други подготовки за да може спремни да го дочекаме есенскиот и зимскиот, не би го нарекол ковид-бран, туку „твинфекција“, односно преклопување на инфекциите од ковид и од грип. Дали ќе премине сето тоа во „твиндемија“ или во „двојна пандемија“,ќе може да го утврдиме тоа кога ќе се зголеми бројот на пациенти што ќе се тестираат.

– Во околните земји, Србија и Албанија, секојдневно расте бројот на заразени со новите мутации на ковид. Кај нас, рековте дека сè уште не е загрижувачка ситуацијата, освен што Комисијата за заразни болести препорача носење маски во здравствените установи.

Тоа е нормално, бидејќи, веќе споменав, очекуваме да се зголеми бројот на инфекции во наредниот период, не само од ковид туку и од други инфективни заболувања како грип, аденовируси, риновируси, респираторен синцицијален вирус (РСВ), а со носењето маски се заштитуваме себеси и другите. Според мене, носењето маски треба да биде кодекс на однесување, особено во зимскиот период, не само во случај на инфекција од ковид туку и во случај на инфекција од кој било вид инфективна болест. Во моментот, ја следиме ситуацијата а таргет група сега, а и во наредните месеци, ќе ни бидат повозрасните пациенти и хронично болните. Кај помладата популација, не очекуваме некакви проблеми, бидејќи таа полесно ја преболува оваа инфекција.

Овде би напоменал дека, според мене, потребно е и тестирање на оние здравствени работници што покажуваат симптоми на некоја инфекција. Особено оние што работат на хируршките и на интерните одделенија и што би можеле да се „тргнат“ на два-три дена од ризичните точки во болницата, а кога ќе им помине инфекцијата, повторно да се внесат во работниот процес.

– Што нè очекува во наредните постудени месеци?

Очекувам да се зголемува бројот на ковид- случаите. Веќе имам двајца пациенти кај кои се појави промена кај белодробието, четворица кои беа позитивни на брз тест и очекувам и на тестот да бидат позитивни исто така, така што со зголемување на тестирањето, ќе се зголемуваат и случаите на ковид. Сега-засега, нема некоја потешка симптоматологија, но будно ја следиме ситуацијата. Кон крајот на октомври ќе стигне вакцината за сезонски грип, која со години покажува добри резултати, а дали во зимскиот период ќе имаме и сезонска вакцина против ковид, која веќе се практикува во Соединетите Држави, тоа не зависи од нас докторите, туку од повисоките инстанци. Доколку се набават такви вакцини, тие нема да бидат задолжителни, туку, како и со вакцините против грип, ќе бидат по избор.

Очекувам во ноември да дојде до преклопување на грипот и на ковид- симптоматологијата, кои ќе бидат слични, што ќе трае сè додека не стекнеме силен имунитет и додека не биде познат резултатот од, јас ја нарекувам, „гладијаторската“ битка на ковид- подвидовите со вирусот на грип во нашиот организам. Тие, нормално, мора да се борат меѓу себе за превласт, ќе има премногу мутации и ќе нема место за сите. Затоа, во тој случај, очекувам поекстремна симптоматологија кај пациентите, како резултат на таа борба.

Значи, да завршам, сега-засега, според познатите информации за омикронските „правнуци“, пирола и ерис, тие не треба да претставуваат потешка клиничка слика на ковид. Симптомите ќе бидат покачена телесна температура, губење на чувството за вкус и за мирис, болки во грлото, кашлица, замор, течење на носот. Овие симптоми се слични на оние на слаба респираторна инфекција. Епидемиолошката состојба не би требало да бара мерки како оние од пред три години, изолации, карантини и слично, туку треба да се внимава особено на старите и на хронично болните, таа е нашата таргет група.