Оливер Спасовски седнува во премиерската фотелја по 3 јануари?

Премиерот кој ќе седне во фотелјата на Зоран Заев и на функција ќе стапи на 3 јануари првиот филтер треба да го помине на партискиот состанок најавен за утре попладне. За тоа кој ќе биде технички премиер во јавноста се шпекулира со имињата на двајцата министри кои по трети јануари треба ја напуштат функцијата - за внатрешни Оливер Спасовски и за труд и социјала Мила Царовска. Името на Мила Царовска се споменуваше како опција и за испразнетото столче на Кочо Анѓушев, кој најави оставка од 3 јануари

435

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ деновиве на интензивни внатрепартиски консултации ги дефинираат решенијата за техничката влада. Премиерот кој ќе седне во фотелјата на Зоран Заев и на функција ќе стапи на 3 јануари првиот филтер треба да го помине на партискиот состанок најавен за четврток попладне.

За тоа кој ќе биде технички премиер во јавноста се шпекулира со имињата на двајцата министри кои по трети јануари треба ја напуштат функцијата – за внатрешни Оливер Спасовски и за труд и социјала Мила Царовска.

„Ние треба да донесеме одлука за премиерот во техничката влада, треба да донесеме одлука и за двајца дополнителни заменици министри со право на вето, а тоа се дополнителните заменици во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за труд и социјална политика. Се споменуваат имиња многу логични веројатно од двајцата министри, гледам од медиумите се пишува за господинот Оливер Спасовски и за госпоѓата Мила Царовска, заради тоа што тие заминуваат. И ние се движиме во тој делокруг“, изјави деновиве премиерот Зоран Заев.

Името на Мила Царовска се споменуваше како опција и за испразнетото столче на Кочо Анѓушев, кој најави оставка од 3 јануари. Актуелната министерка за труд и социјална политика согласно Договорот од Пржино, треба да си замине од министерската позиција и на нејзино место да дојде нов министер по предлог на опозицијата.

По различните ставови за воведувањето на една изборна единица, Заев најави дека ќе се консултира со СДСМ и со помалите партии од коалицијата, па ќе донесе одлука за ДУИ. За него поднесените амандмани се со цел ДУИ да има подобра позиција кај своите гласачи.

„Веројатно изборите си прават свои така да ги кажам себични стојалишта на политичките субјекти во делот на нивното позиционирање пред самите гласачи. Секој си го има секако тоа право“, рече Заев.

Премиерот минатата недела најави дека ќе го преиспита коалицирањето со ДУИ откако со поднесени над 5 илјади амандмани ги блокира измените на Изборниот законик, рече дека на партиско ниво сè уште не разговарале на оваа тема.

Иако најавија дека во средината на декември ќе ги соопштат имињата кои ќе бидат технички министри и заменици министри, од најголема опозициска партија  велат дека конечната одлука ќе ја соопштат непосредно пред да се формира техничката влада.

-Имињата се веќе договорени и добија поддршка од членовите на партиските тела. Официјално ќе ги објавиме пред да се формира техничката влада, вели за весникот ВЕЧЕР висок функционер од опозициската партија.

Како што претходно објавивме, и понатаму се шпекулира дека Орце Ѓорѓиевски има најголема шанса да го замени Оливер Спасовски во 100-те дена техничка влада, која треба да ги организира изборите напролет. Ѓорѓиевски е член на Извршниот комитет во ВМРО-ДПМНЕ и во последниот период на партиските прес-конференции жестоко ја критикува работата на првиот полицаец Оливер Спасовски.

Согласно Пржинскиот договор, опозицијата ќе предложи и заменици министри во министерствата за финансии, за земјоделство и за информатичко општество и администрација. Од редовите на власта ќе бидат номинирани замениците министри во министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика. Вака стокмената влада треба да ги спроведе изборите на 12 април в година.