Од почетокот на годината реализирани 60% од планираното во Буџетот

75

Министерот за финансии, Фатмир Бесими нагласи дека реализацијата на вкупните приходи во Буџетот за 2023 година досега е 60,04% и тоа кај данокот на личен доход реализацијата е 61,7%, кај данок на добивка – 81,3%, кај ДДВ  – 51,5%, кај акцизи  – 58,4%, кај неданочни приходи 54,4% и кај придонеси 65,4%.

– Во периодот од 1 јануари до 18 август годинава ДДВ-то е повисоко за 4,8% на нето основа, односно натфрлено во однос на истиот период од 2022 година. Вкупните приходи во однос на 2022 година се повисоки за 12,5%, кај данокот на личен доход се повисоки за 15,2%, кај данокот на добивка се повисоки за 6,7%, 4,8% кај ДДВ, кај акцизите се повисоки за 5,9%, кај увозните давачки 9,9%, кај другите даночни приходи се повисоки за 4,1%, а кај придонесите за 19,3% –  прецизира Бесими во одговор на прашање по потпишувањето на договорите за заемот од 100 милиони евра од ЕБОР за ЕСМ и додаде дека има повисока реализација кај сите позиции во однос на минатата година.

Во однос на листата на производи за кои ќе се менува ДДВ-то истакна дека уште на 9 јануари е испратена до стопанските комори и додаде дека веќе е достапна на веб-страницата на Министерството за финансии.

– Ние ја праќаме листата до стопанските комори, а тие ја споделуваат со компаниите членки. Листата навремено беше споделена со стопанските комори уште кога првиот пат беа пратени законите во Собрание, а веќе е објавена и на веб-страницата на Министерството за финансии каде секој има пристап. Се чека да се изгласа законот и потоа да се донесе одлука на Влада – рече Бесими.