Концертот „Од архивите на МРТ“, кој во себе обединува неколку јубилеи – 80 години од основањето на МРТ, 75 години од основањето на „Танец“ и на Народниот оркестар на МРТ, како и 70 години од раѓањето на Тодор Трајчевски, член на СОКОМ и автор, инструменталист и раководител на Народниот оркестар на МРТ, ќе се одржи на 3 април (20 ч.) во малата сала на Филхармонија. Всушност, самиот наслов ја открива содржината на овој ексклузивен настан, со кој оркестарот на Танец, раководен од маестро Дарко Илиевски ќе возобнови дел од богатата архива на Македонската радио телевизија, односно ќе отсвири партитури кои се неотуѓив дел од македонското наследство, композиции од врвните мајстори кои создавале за Народниот оркестар за време на неговото постоење.
Концертот ќе започне со кус пригоден разговор со господинот Благоја Десковски, последниот раководител на Народниот оркестар, а потоа ќе биде изведена целовечерна програма составена од композиции од најзначајните автори на аранжмани и творби за Народниот оркестар, и тоа од речиси сите периоди на постоењето на оркестарот (Никола Галевски, Ангел Нанчевски, Тале Огненовски, Пеце Атанасовски, Иван Терзиев, Кочо Петровски, Благоја Десковски, Петар Лукиќ, Илчо Јованов, Тодор Трајчевски).
Инаку, основан во март 1949 година, ансамблот „Танец“ веќе 75 години е еден од најстамените столбови на македонската традиција и култура, и недвосмислено, еден од главните темели на македонската државност. Формиран со цел да ги собира и негува македонските традиционални песни и игри, народните инструменти и носии, и преку соодветен уметнички израз, сценски да ги претстави највредните форми од богатата ризница на македонскиот народ, тој е денес една од најблескавите страници на македонската културна историја. Благодарение на сите генерации што ја градеа и реализираа јасно поставената програмската активност на основачите, ансамблот низ годините се развиваше и прерасна во институција за почит, издигнувајќи се на нивото на уметничка извонредност и симбол на културна раскош пред публиката ширум светот.
Архивата на МРТ, пак, е непроценлив извор на снимки, партитури и факти за развојот на македонската музичка култура, но и на македонската културна историја во целост. Архивата и фонотеката на МРТ се најстари во државата и претставуваат вистинско национално богатство.