Џејдон Санчо и официјално е нов играч на Манчестер Јунајтед. Брзоногиот 21-годишен офанзивен играч пристигна на „Олд Трафорд“ од Борусија од Дортмунд, а за англискиот интернационалец ова е негово враќање во Манчестер, каде што играше за младиот тим на Сити од 2015 до 2017 година.

Санчо е познат и по тетоважите што ги има на рацете. Една од нив крие посебна приказна која е посветена на неговиот брат кој починал како дете.

  • Брат ми почина кога бев дете. Одев во основно училиште, напишав песна и ја прочитав на погребот. Најмногу ми значи таа тетоважа, истакна Санчо.

Тој потоа покажа што всушност пишува на неговата рака.

  • Јас и ти ќе останеме заедно засекогаш. Нè направи среќни, ни донесе радост, беше посебно дете. Едвај чекав да пораснеш, да те научам да играш фудбал и да ја освоиш шампионската титула. Но, ти си замина и ништо не можам да направам во врска со тоа. Мал брате, те сакаме, се зборовите на песната напишана на неговата рака.

Покрај песната има и птици, рај, ангел, пеперутка и иницијалите на брат му и сестра му. Неговиот брат секогаш ќе му остане во сеќавање, а воедно истакна дека сака да го направи горд.

  • Сè што сакам е да го направам горд. Тој е моја инспирација, додаде емотивно Санчо.