Врежана свастика во лифт на Стејт департментот

30

Во лифтот на Стејт департментот е пронајдена врежана свастика, изјави портпаролката на таа институција, Јалина Портер. Во тек е истрага за тоа како еден од нацистичките симболи завршил во седиштето на американската дипломатија.

Jалина Портер изјави дека свастиката е откриена доцна во понеделникот и дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен разговарал за инцидентот со вработените, пренесува Радио телевизија на Србија, повикувајќи се на Ројтерс.

„Овој графит од омраза е отстранет, а инцидентот ќе се испита. Ова е целосно одвратно. Тоа е болно потсетување дека антисемитизмот не е остаток од минатото, тој сепак е сила со која се справуваме во светот и, за жал, се справуваме со него близу до дома “, рече Портер.

Како што истакна таа, на антисемитизмот нема место во Соединетите држави, а секако не и во Стејт департментот.

Стејт Департментот работи на назначување кандидат за специјален пратеник за борба против антисемитизмот, рече Портер, додавајќи дека се надева дека избраниот кандидат наскоро ќе биде на оваа функција.