Конечно, започнаа градежните работи за реконструкција на култната Универзална сала во Скопје, која со години стои руинирана и надвор од употреба, а првите посетители се очекуваат во 2026 година. Според министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која вчера и официјално го најави почетокот, градежните работи на Универзална сала, која ја нарече архитектонски и културен симбол на Скопје, ќе се одвиваат во две фази.

„Министерството за култура презеде обврска да го реализира проектот во наредните три години, бидејќи се обезбедени финансиски средства и комплетна документација. Универзална сала има емотивна вредност за скопјани и за публиката, им недостига на Скопје, на уметниците и на културните работници. Мотивирани од нејзиното значење, како и од молкот и инертноста на Град Скопје, Владата и Министерството за култура ги презедоа надлежностите за, конечно, да пристапиме кон реконструкција без застој и објектот повторно да биде функционален“, посочи Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека во наредните три години, овој простор ќе се уреди како што му прилега на Град Скопје.

„По две години, ќе продолжи да се реализира нешто во што се вложивме и материјално и интелектуално. Проектот е готов во сите свои фази уште од 2021 година. Сега им е на располагање на изведувачите. Прво да се заврши она што е започнато, првата фаза, реконструкцијата на покривот и на фасадата на објектот, а потоа, низ тендерска процедура, ќе се продолжи со ентериерот. Сцената и просторот за публиката ќе бидат целосно модернизирани. Бројот на седишта се намалува поради новите прописи. Порано имаше околу 1 600 седишта, но седевме стуткани, а сега ќе има околу 1 300“, вели проектантот Бујар Муча од „Мегарон инженеринг“.

Тој додаде дека досега нема такви оштетувања од атмосферски влијанија што би му наштетиле на досега изграденото, а, како што вели, ќе се направи и ревизија во таа насока, од стручни тела.

„Објектот двапати е поминат низ сите институции и нема недостатоци на проектот во однос на безбедноста на конструкцијата. Имаме позитивно мислење и од ИЗИИС“, додаде Муча.

Инаку, претходно, министерката Костадиновска-Стојчевска посочи дека годинава, за Универзална сала се издвоени 120 милиони денари од буџетот на Министерството за култура. Таа истакна дека се предвидени средства и за следните две години, па така за 2025 година се обезбедени 443 милиони денари и истата таа сума се предвидува и за во 2026 година.

На настанот присуствуваше и поранешниот премиер Димитар Ковачевски, кој рече дека надлежностите за салата биле преземени од Градот Скопје за да се изврши реконструкција, а потоа објектот повторно ќе му биде вратен на користење на Град Скопје. (Д.Т.) Фото: П. Стојановска