Обвинетите лекари не направиле пропуст во случајот со родилката Веапоска, туку спасиле еден млад живот

34

Со вкрстено испрашување на вештакот, професор доктор Драге Дабески, кој по барање на обвинетите го изработи вештиот наод за отстранувањето матка, јајник и бубрег, по породувањето со царски рез, на Јилдз Веапоска од Дебар, денеска, во Основниот суд во Струга продолжи јавната расправа во судскиот процес против тројцата лекари од струшката болница, гинекологот Мухамед Асани, неговиот син доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска.

Според вештакот, обвинетите лекари не направиле пропуст при лекувањето на родилката, туку спасиле еден млад живот. Тој тврди дека согласно со доставената документација за вештачење, лекарите во струшката болница постапиле правилно кога ги извадиле органите за санирање на крвавењето предизвикано од бубрежната артерија, објави „Канал 5“.

Тоа вештачење е спротивно на првото изработено од Судска медицина и бранителот на оштетената не го признава.

– Вештачењето на Судска медицина укажува дека се пропуштени многу работи при операцијата и скоро е невозможно поинаку да размислуваме. Обвинетите ќе мора да одговараат за дејствата што ги презеле, односно што не ги презеле. Верувам дека и Судот е заинтересиран да се утврди правата вистина во поглед на тоа како е можно бремена жена да влезе здрава права во операциона сала, а потоа да излезе без три органи. Тоа е мистерија – изјави по рочиштето адвокатот на Веапоска, Сашо Јанев.

Оштетената Веапоска, пак, го поставува прашањето како лекарите во болницата во Струга ѝ го спасиле животот кога во кома била пренесена на скопските клиники, каде што подлежела на нов хирушки зафат.

– Вештакот појаснува дека докторите обвинети ми го спасиле животот со тоа што ги извадиле моите органи и ме оставиле половина човек, но како ми го спасиле животот кога ме пратиле во Скопје и повоторно сум била принудена да влезам во операциона сала, да се прави ревизија на скопските клиники? Мојата битка траеше 14 дена, во кома. Потоа не знам како застанав на нозе, но за мојот живот што го спасиле, јас сум им благодарна на докторите на Клиниката во Скопје и на докторот Скендер Саиди. Овие доктори не ми го спасија животот, овие доктори ми го упропастија животот, ме направија инвaлид, не можам повеќе да раѓам, не можам повеќе да имам деца – изјави Веапоска.

Александар Новаковски, адвокатот на третообвинетата – доктор Лилјана Јованоска, вели дека на следното рочиште ќе следува усогласување на двете вештачења, а потоа ќе се одлучува за дополнителни предлози. Не ја исклучува ни опцијата за супервештачење.

– Многу е битно дали ќе се усогласат вештаците за да не се одолговлекува постапката, а дали ќе предложам јас дополнителни докази, ќе зависи од тоа усогласување. Има јаз меѓу двете вештачења, медицински различни се спротиставени тврдењата за тоа дали било неопходно да се направи хистериктомија или не и како настанале повредите. Сметам дека досега не гледам никакви докази за вина за третообвинетата – рече Новакоски.

Следното рочиште е закажано за 23 април, за кога треба да бидат повикани сите вештаци од Судска медицина и професорот Дабески со цел да ги усогласат вештачењата.