Нулта толеранција за нов мигрантски бран!

656

Тензичната состојба на грчко-турската граница по инцидентите што со прекини траеја речиси цел ден во саботата, вчера како да се потсмири, но аналитичарите предупредуваат дека немирите ќе се повторуваат. Медиумите во Грција информираа дека освен со солзавец и разни предмети, од турска страна, во петокот имало обид и со оклопно возило да се пробие оградата поставена од грчка страна. Овој проблем, велат безбедносните аналитичари, е толку голем што е со исти ризик дали се наоѓа на нашата граница или на грчко-турската.

-Многу е важна пораката која се испрати викендов од Скопје, од Белград, а пред неколку дена и од Атина, а тоа е дека нема поминување на границата и таа порака ќе стигне и во Брисел, Вашингтон, Москва, Анкара. Дури и само од тактички причини како и вербално така и реално со цврст став, со појачување на границата со луѓе, опрема и техничко-оперативни средства е важен сигнал и порака, изјави за весникот Вечер Милан Стефановски.

Тој вели дека претстои период на реорганизирање на силите.

-Што понатаму? Дали е возможно да се отвори нова рута, средоземноморската рута кон Италија, или притисок кон Бугарија. 100.000 мигранти не се враќаат кон Турција, ниту сакаат, можеби веќе и не смеат. Вреден за анализа е и повторниот раст на популарноста на нетрадиционалната десница или суверинистите. Тие се и против било какви мигрантски политики, но и многу резервирани за нови проширувања на ЕУ, и редефинирање на односите кон новите центри на моќ, Москва и Пекинг. Дали договорот Путин – Ердоган е слабеење на Европа ќе покажат неделиве кои престојат. На кого му одговара слаба и зависна ЕУ?! Историски моменти каде што за многу години од сега ќе се изучува теоријата дека мигрантската криза е почеток на нова глобална промена и зачетокот на нов политички и правен поредок во ЕУ, коментира Стефановски.

Викендов техничкиот премиер Оливер Спасовски и техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев изјавија дека за да се спречи нов мигрантски бран ќе се затвори целосно јужната граница.

Прогласена е кризна состојба и зголемени се силите и на Армијата и на полицијата на јужната граница. Државата нема да дозволи влез на мигранти, бидејќи тоа е политика и на сите држави во целиот овој регион, изјави Спасовски.

На прашањето дали Владата има план во врска со мигрантите по изјавата на српскиот претседател за херметичко затворање на границата, одговори дека е очигледно оти транзитот повеќе не е опција.

–Сега-засега е стабилно немаме никакво зголемување на мигранти кои би можеле да се обидат да влезат на територијата на Република Северна Македонија, меѓутоа, ставот е дека ќе имаме нулта толеранција, изјави Спасовски.

Чулев вели дека се во постојана комуникација со ФРОНТЕКС и со партнерите од Европската Унија.

-Македонија, дефинитивно, ќе ја затвори граница и ние имаме капацитети во однос на претходната мигрантска криза и сега сме многу подобро подготвени. Ќе дадеме максимум за да ја затвориме нашата граница и да спречиме нов мигрантски бран кон територијата на нашата држава и со тоа и кон територијата на ЕУ, истакна Чулев.