Новогодишните аранжмани во соседството се продаваат како алва, Скопје сè уште нема програма!

Новогодишните аранжмани во соседството се продаваат како алва, а Скопје сè уште нема програма. Покрај тоа што ќе нема странски туристи за претстојните празници и домашните ќе заминат на пречек на Нова година во градовите во регионот, бидејќи Скопје нема новогодишна програма. Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот потврдуваат дека и оваа година ни се случува реприза на минатата, иако испратиле писмо уште пред еден месец, сè уште не добиле информација дали ќе има новогодишна програма и организиран пречек на Новата година во главниот град

737

Скопје сè уште не е украсено и нема никаква програма за пречек на новогодишната ноќ. За разлика од кај нас, градовите во регионот уште од октомври имаат објавено новогодишни програма, организирано новогодишен пречек на плоштадите и настап на многу музички ѕвезди. Поради тоа, сместувачките капацитети во овие градови секоја година се полни, а Скопје останува празно. Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот потврдуваат дека и оваа година ни се случува реприза на минатата, односно од градот нема никаква информација околу новогодишната програма и организираниот новогодишен пречек.

-Ние уште пред еден месец упативме писмо до повеќе градови да ја известат Агенцијата за прослава на Новата година, но досега немаме добиено повратна информација за организиран пречек и новогодишна програма. Нашите градови треба да го применат искуството од градовите во регионот каде уште во октомври имаат јасен концепт и програма за новогодишните празници. Навременото објавување на новогодишната програма, овозможува голем број на туроператори да го вградат новогодишниот пречек во нивното портфолио. Тоа ќе овозможи поголем број старански туристи да ја посетат Македонија за време на новогодишните и божиќните празници, изјави за весникот ВЕЧЕР, Љупчо Јаневски, директор на АППТ.

Тој смета дека секторите за туризам во градовите треба да бидат подинамични и навреме да ја објавуваат новогодишната програма, која ќе донесе повеќе странски туристи и повеќе пари во нивните буџети.

Јаневски вели дека освен странските и домашните туристи во недостаток на атрактивна новогодишна програма во Скопје и другите градови во државата Новата година ја пречекуваат во градовите во регионот и Европа.

И годинава има голем интерес за туристичките центри во регионот каде што има богата новогодишна програма, организиран пречек на плоштадите и настап на многу музички ѕвезди. Агенциите веќе излегоа со понуди за пречек на Нова година во Бар и Тиват, каде што ќе настапува големите балкански ѕвезди Лепа Брена, на 31 декември во Бар, и Ацо Пејовиќ, на 1 јануари, во Тиват. Цената изнесува 88 евра по лице.

За разлика од градовите во регионот, Скопје сè уште не украсено и нема никаква програма за пречек на новогодишната ноќ. Од туристичките агенции велат дека градот на три недели до Нова година нема новогодишна програма, а на улиците нема ниту светилки, украси, на плоштадот „Македонија“ сè уште нема елка со други зборови во градот нема никаква новогодишната атмосфера.

Со години, Скопје уште на почетокот на декември веќе бил украсен, елката на плоштад пуштена да свети и строгиот центар на градот веќе бил во новогодишна атмосфера. Сега нема никакви активности за украсување ниту, пак, најава дека тоа ќе се случи.

Сите главни градови низ Европа веќе одамна се украсени, се одржуваат новогодишни базари и дедомразовци пеат и се сликаат со децата.

(А.С.)