„Ако зборуваме за магијата на литературата, мораме да зборуваме за воскреснување на човекот, за повторно пронаоѓање на човекот, негово повторно разбирање и, можеби, негово повторно воскреснување. Во такви услови, науката и политиката се немоќни во тоа. И затоа последната надеж за воскреснување на човекот е литературата и, според мене, тоа е една магија од која имаме потреба“, рече писателот и сценарист Тарик Туфан од Турција на отворањето на 11. „ПРО-ЗА Балкан“ што се случи во Даут-пашиниот амам во Скопје

Седуммина врвни писатели од Балканот беа претставени пред македонската публика на отворањето на 11. интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ што се случи синоќа, во Даут-пашиниот амам во Скопје. На гостите добредојде им посакаа идејните творци на фестивалот: Дејан Трајкоски, Александар Прокопиев и Ермис Лафазановски. Потсетувајќи на зборовите на Оливера Николова за мисијата на писателите, Александра Јуруковска ја поведе публиката низ творештвото на еминентните автори, гости на фестивалот.

Владимир Левчев ѝ го доближи на нашата публика влијанието што го имал од својот татко, поетот и писател Љубомир Левчев, добитник на наградата „Златен венец“ во 2010 година. Владимир Левчев пишува и поезија и проза, а неговиот роман „Крали Марко: Балканскиот принц“, кој е преведен на македонски јазик, наиде на добар одглас кај нашата читателска публика.

„Крушата не паѓа подалеку од дрвото“, рече тој и додаде: „Тоа, секако, влијаеше да се заинтересирам за литературата, па така, еден од првите поети што ги преведов уште во далечната 1982 година беше Гинсберг“.

Со писателот и сценарист Тарик Туфан, кој беше гостин на „ПРО-ЗА Балкан“ во 2019 година, Прокопиев разговараше за магијата што ја создаваат писателите, за Истанбул како инспирација и воопшто, за врската меѓу градот и писателот.

„Духот на сите нас вечерва се спои тука преку литературата. Трагаме по духот на зборовите, бидејќи се обидуваме да ги извадиме на површина нашите скриени чувства. Преку раскажување на приказните, сакаме да им покажеме на луѓето дека сме тука, дека сме присутни. Сега сме на прагот на еден нов светски поредок, на едно ново човештво, кое варварски го напаѓа нашиот дух. Ако зборуваме за магијата на литературата, мораме да зборуваме за воскреснување на човекот, за повторно пронаоѓање на човекот, негово повторно разбирање и, можеби, негово повторно воскреснување. Во такви услови, науката и политиката се немоќни во тоа. И затоа последната надеж за воскреснување на човекот е литературата и, според мене, тоа е една магија од која имаме потреба“, рече Туфан.

За делото на Драго Јанчар, годинашниот лауреат на наградата „Прозарт“ на фестивалот, зборуваше Лафазановски, кој истакна дека Јанчар поместува граници со своето перо, и историски, и книжевни и во секоја смисла е европски, па и светски писател. Јанчар, осврнувајќи се на своите дела, кои се преведени кај нас, рече: „Иако кај мене не оди без темни, опасни и парадоксални ситуации, и иако многу мои дела се поврзани со војната и насилството, низ нив се проткајува некаков вид оптимизам, некаква волја за живот. Кога му префрлувале зошто пишува толку темно, словенечкиот писател Иван Цанкар рекол: ‘Сликам темно, моите очи што повеќе да копнеат по светлост’. И така е некако и во мојата литература“.

На почетокот од годинава, романот „Внатрешно море“ на Даница Вукиќевиќ ја доби НИН-овата награда за најдобар роман за 2022 година. Прокопиев е преведувач на нејзиниот роман на македонски јазик. На неговото прашање за структурата на нејзиниот роман, Вукиќевиќ, која е и поетеса, рече:

„Не седнав со намера да напишам роман. Тоа беше изненадување и за мене и веќе не би пишувала ако не ме изненадува тоа што го пишувам. Сакам пишувањето да ме радува и да буди нешто во мене, а не да „штанцувам“ книги. Мислам дека секој добар роман е полн со поезија и јас сум горда што ги споив двете работи.

Фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ секогаш обрнува внимание и на застапеноста на македонските автори. Годинава, гостинка е писателката и монтажерка Снежана Младеновска-Анѓелков, која беше првата дебитантка што во 2011 година ја доби наградата „Роман на годината“, за својата дебитантска книга „Единаесет жени“. Таа вели дека монтажата, како нејзина примарна професија, е длабоко поврзана со нејзините дела и како во монтажата така и во книжевноста ги ампутира сите оние делови кои смета дека само би ја нарушиле херметичноста на приказната.

„Кај мене, минатото е заробено во слики што ги повикувам и ги оживувам. Си ги чувам тие слики, си ги негувам во тоа што го нарекувам вечно сегашно време и откако ќе го напишам, го напуштам да оди во минатото. Сè дотогаш живее и цело време го гледам“, истакна таа.

Меѓу гостите на фестивалот годинава е и режисерот на култните „Кој тоа таму пее“ и „Маратонците го трчаат почесниот круг“. Слободан Шијан почнал како сликар, а денес е култен автор на тринаесетина книги.

„Прво бев сликар, завршив ликовна академија. Потоа пишував фанзини, па режирав играни филмови и никогаш не сакав да се потпишувам на сценаријата на луѓето. Секој сценарист си носеше свој свет и ми беше интересно да го интерпретирам тој свет. Но, потоа дојдоа тешки времиња, кога не смеев да работам, па мојот интерес за занимавање со филм се прошири на пишување“, објасни Слободан Шијан како почнал да пишува книги.

Ренато Баретиќ е хрватски писател и новинар со бројна публика. Лафазановски го нарече тотален писател, оти веќе 40 години живее исклучиво од пишување. Неговиот роман „Осмиот повереник“ беше една од најнаградуваните книги во Хрватска, а последниот роман „Последна рака“ како протагонист има признат писател и поранешен новинар што доживува креативна и животна криза. На прашањето дали станува збор за автобиографски роман, тој рече:

„Секако дека е и секако дека не е. Се чини дека секој автор, без разлика со која уметност се занимава, внесува свои искуства и тоа истовремено се и не се автобиографски работи. Јас сакав да постигнам нешто друго со таа книга. Еве да речеме, замислете дали е можно и нас некој да не пишува. Чија е последната рака? Јас се извинувам, не сум верник и не мислам дека Божјата рака е ни прва ни последна. Но, кој, всушност, ја напишал таа приказна во „Последна рака“, чија е таа последна рака и сакав да го оставам тоа прашање отворено и се надевам дека, како и претходните три, и таа наскоро ќе биде преведена на македонски.

Сите овие автори се успешни во своите земји, но и преведени на десетици јазици во регионот и пошироко. Добар дел од нив, преведени и на македонски јазик, им се добро познати на домашните читатели.