Нова механизација за ЈКП „Гази Баба“ и изградба на спортски центар во Хиподром

837

Општина Гази Баба денеска промовираше два нови проекти со вкупна инвестициска вредност од над 20.000.000 денари.

Како што истакна Бобан Стефковски, градоначалник на Општина Гази Баба ЈКП „Гази Баба“  е опремено со нова механизација составена од:вакум цистерна за чистење на фекална канализација, камион кипер со носивост до 1,200 килограми, теренско возило „мазда камионет“ и нисконосечна приколка со носивост до четири тона.

-Со новата механизација која а е со вредност од 9.000.000 денари, ЈКП „Гази Баба“ дефинитивно прераснува во вистински сервис на граѓаните – заклучи Стефковски.

Вториот проект кој беше промовиран е почетокот на реализацијата на новиот спортски центар во Хиподром кој се гради на местото на поранешното основно училиште „Вера Јоциќ“.

Во рамките на спортскиот центар ќе се изгради мултифункционален спортски терен за ракомет и мал фудбал на гумена подлога и спортски терен за одбојка и кошарка на тартан подлога. Дополнително ќе се изгради и фитнес зона, детско катче, а ќе се изврши комплетно партерно уредување на просторот и осветлување со поставување на лед светилки.

Вредноста на овој проект изнесува 13.000.000 денари.