Никаде во светот не се трошат по 20 милиони евра за километар автопат и по 500 евра дневно за изнајмување автомобил!

Не стивнуваат реакциите од економските експерти и од бизнисот во однос на предлог-буџетот за 2024 година, кој стигна во Собранието и за кој во наредните 10 дена ќе се расправа во Комисијата за финансирање и буџет. За опозицијата, буџетот е напумпан и не носи развој, туку криминал и корупција. Сличен е и ставот на економските експерти, според кои буџетот е скроен за крадење државни пари за функционерски и партиски бенефити. Никаде во светот не се трошат по 20 милиони евра за километар автопат, по 500 евра дневно за изнајмување автомобил, како и за енормно зголемување на платите на функционерите

1219

Буџетот за 2024 година, кој е веќе во Собранието, носи поддршка на силен инвестициски циклус, фискална консолидација и поддршка на стандардот, сметаат од власта. За опозицијата, пак, буџетот е напумпан и не носи развој, туку криминал и корупција. Сличен е и ставот на економските експерти, според кои буџетот е скроен за крадење државни пари за функционерски и партиски бенефити. Никаде во светот не се трошат по 20 милиони евра за километар автопат, по 500 евра дневно за изнајмување автомобил, како и за енормно зголемување на платите на функционерите.

Рекордно високиот буџет од 5,5 милијарди евра во време на изборна година, предизвика низа реакции и кај бизнисмените, кои сметаат дека се предвидени многу малку пари за инвестиции и развој, а повеќе пари за плати и пензии, односно за купување социјален мир.

– Предлог-буџетот за 2024 година обезбедува услови за одржлив економски раст, продолжување на фискалната консолидација, зацврстување на фискалната одржливост, поддршка на стандардот на граѓаните, на ранливите категории граѓани и на стопанство, како и интензивирање на конвергенцијата на земјата кон ЕУ – истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во експозето за предлог-буџетот за 2024 година во матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет.

Тој потенцира дека само за исплата на зголемени плати, во овој предлог-буџет се обезбедени дополнителни 160 милиони евра, од кои 170 милиони евра за спроведување на системското решение за исплата на зголемените пензии, а истовремено имаме номинално понизок дефицит во однос на оваа година за 150 милиони евра.

Економските експерти не се согласуваат со тоа дека буџетот за наредната година има развојна компонента, бидејќи во него се предвидени многу малку пари за инвестиции. Според нив, буџетот е скроен за крадење државни пари за функционерски и партиски бенефити.

– Ако се сетиме колку врева се дигна во минатото околу донесување на тогаш енормно високиот буџет од 3 милијарди евра, а во овој, кој е највисок досега и изнесува 5,5 милијарди евра, не гледаме никакви инвестициски ефети. Претходно велеа дека ќе се инвестира во кадар, но ништо од тоа. Сега велат дека парите ќе се трошат за инвестиции, а нема никакви инвестициски проекти. Никаде во светот не се трошат по 20 милиони евра за километар автопат и по 500 евра дневно за изнајмување автомобил. Буџетот е скроен за крадење државни пари за функционерски и партиски бенефити и нема ни трага од инвестиции – вели економскиот аналитичар Синиша Пекевски.

Експертите ја предупредија Владата дека сè уште постои опасност од инфлација, односно дека нè чека нов бран поскапувања по одмрзнување на цените, што ќе предизвика дополнително осиромашување на граѓаните.

– Со оглед на тоа што наредната година е изборна, Владата го става акцентот на повисоки плати и пензии, но не врши индексација, односно усогласување на нивниот раст со растот на инфлацијата. Сега амбициозно се предвидува дека инфлацијата, која оваа година беше двоцифрена, ќе биде едноцифрена, притоа не се зема предвид растот на цените, кои сега се замрзнати. Зголемените цени ќе влијаат на зголемување на инфлацијата. Има рационални очекувања дека инфлацијата ќе расте, а со тоа народот ќе осиромашува. Имајќи предвид дека инфлацијата достигна и до 20 отсто и овој пораст на платите од 18 отсто нема да придонесе за усогласување на платите со растот на инфлацијата – изјави универзитетскиот професор Јован Пејковски.

Бизнисот не верува дека капиталните инвестиции што се планирани во буџетот ќе се реализираат бидејќи е изборна година.

– Досега годинава имаме реализација од 67 отсто од капиталните инвестиции, и тоа во неизборна година, со нормален тек на функционирање. Така што не верувам дека капиталните инвестиции ќе се реализираат, бидејќи наредната година ќе почнат да се занимаваат со избори, претседателски и парламентарни, и додека се формира нова влада, ќе фати јуни. Освен тоа, Владата и министрите нема да влегуваат во ризици без да бидат сигурни дека ќе останат на власт – изјави Миле Бошков од Бизнис-конфедерацијата на Македонија.

И тој смета дека опасноста од инфлација сè уште постои и освен што треба да се зголемат платите, потребни се повеќе пари за помош на граѓаните. Исто така, потребни се повеќе пари за отворање нови работни места, преквалификации, доквалификации… кои ќе придонесат за подобрување на стандардот на граѓаните.
Според опозицијата, предлог-буџетот е напумпан и не носи развој, туку криминал и корупција. Велат дека власта од 2018 година до денес потрошила 25 милијарди евра низ буџети, но не неправила ништо ново.

– Од 2018 година до денес, власта потроши 25 милијарди евра низ буџети и ништо ново не направи. Македонија стагнира на секое поле, нема учебници за учениците, нема лекови за болните, нема покачување на пензиите за пензионерите. Шест години нема еден готов автопат. Кичево – Охрид е во застој, Скопје – Блаце не е ниту почнат. Каде се трошат милијардите евра од буџетите шест години по ред? Очигледно е дека наместо кај граѓаните, парите завршуваат кај криминалците, затоа и власта се обидува да купи ден повеќе власт во 2024 година за да продолжи со криминалот и корупцијата до последен ден. Потребни се итни промени за грабежот да запре – обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.

Во Комисијата за финансирање и буџет, расправата за предлог-буџетот трае 10 работни дена, по што се праќа на разгледување и усвојување на пленарна седница на Собранието. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија поднеле 250 амандмани на Предлог – буџетот за следната година со цел да се насочи кон граѓански иницијативи, а не како што најавија од партијата за сомнителни деловни зделки.
Согласно со утврдените рокови, буџетот за наредната година треба да биде усвоен во Собранието најдоцна до 31 декември.

(А.С.)