„НЕ“ ЗА БУЛИНГОТ, СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО И ДИСКРИМИНАЦИЈАТА

59

Здружението на граѓани „Поддршка“ една година го спроведуваше проектот „Еднакви права за сите“ во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – Релоад 2, финансирана од Европската унија, а ја имплементира Програмата за развој на обединетите нации (УНДП). Проектот „Еднакви права за сите“ беше кофинансиран и поддржан од Општина Гевгелија. Својот завршен настан ЗГ „Поддршка“ го имаше во Народниот театар во Гевгелија, со изведба на претставата „Сите сме еднакви“ и доделувањето на награди на најуспешните ученици на литературниот и ликовниот конкурс „Колонија на еднаквоста“.

Театарската претстава „Сите сме еднакви“, во изведба на ученици од ООУ „Владо

Кантарџиев“ и ООУ „Ристо Шуклев“, зборува за настани од нашето секојдневие и

содржи елементи на вербално насилство. Поделена е во три дела – врсничко

насилство (булинг), семејно насилство и дискриминација. Создавањето на ова

драмско дело беше работено под менторство на м-р. Магде Ангова – писателка – авторка на книги за деца, м-р. Розита Андонова, психолог и психодрама психотерапевт и Катица Џишева Дупарова-ментор на драмската секција при ЈОУ Дом на култура „Македонија“. Сценографијата беше на уметниците Гордана и Михаил Петрови. Исто така, и учениците, учесници во претставата, не само што дадоа свои предлози и идеи околу темите кои се обработуваат во претставата, туку и ја воодушевија публиката со нивната актерска игра.

Оваа театарска претстава беше одиграна пред учениците од ООУ „Крсте Мисирков“, „Владо Кантарџиев“, „Ристо Шуклев“ и СОУ „Јосиф Јосифовски“ и кај публиката предизвика наплив на емоции и размислувања. Голем број на ученици низ интерактивен разговор ги кажуваа своите доживувања во однос на темите кои се одиграа на сцената и упатија позитивни пораки кон своите врсници. Некои, кои искусиле врсничко насилство се охрабрија да се качат на сцената и да ги споделат своите искуства, како го доживеале сето тоа, како им влијаело, но и како се справиле со тоа. Тие, гледајќи ги своите соученици и публиката во очи, јасно и гласно порачаа:

НЕ за врсничкото насилство, порачаа дека сите сме подеднакво вредни и исти и посакаа сите да се почитуваме меѓу себе и да ги почитуваме различностите!

Виолета Христова, од Здружението на граѓани „Поддршка“ и координатор на самиот проект изјави дека главна идеја на проектот “ Еднакви права за сите“ е да се подигне свесноста за насилството и дискриминацијата, кои се повеќе се присутни во нашето секојдневие.

-Исто така и за нивното влијание и последици не само врз жртвите, туку и врз заедницата и општеството. Целта на овој проект е сите заедно да дадеме личен придонес во справувањето со оваа појава, рече таа.

Како дел од програмските активности, посочи Христова, беа одржани тематски работилници со претставници од институциите, граѓанските организации и учениците во СОУ „Јосиф Јосифовски“. Со овие работилници беа директно едуцирани 72 ученика, а индиректно 667 ученика преку врсничка дисеминација. Беа одржани 11 трибини во сите населени места во општина Гевгелија со локалното население, како и дебати со претставници од институциите, граѓанските организации и здруженијата на лицата со попречености со посебен осврт на тема „Дискриминација“. Беа распишани и литературен и ликовен конкурс за учениците на тема „ Колонија на еднаквоста“.

Најуспешните беа наградени на завршната претстава.

Розита Андонова, психолог и психодрама психотерапевт вели дека „зборовите и постапките понекогаш можат да прободат подлабоко од било кое сечило и да заболат посилно од било кој удар. Тие, исто така, можат да бидат предзнак и почеток на физичко насилство“.

-Драмскиот текст се покажа како одлична форма за да проговориме за она што се

случува околу нас секојдневно, а публиката пред која ја изведувавме претставата

даваше свој активен придонес во препознавањето и справувањето со семејното и

родово базираното насилство, врсничкото насилство и дискриминацијата. Според нашите и истражувањата на Институтот за човекови права, речиси две третини од учениците во училиштата во државата, вклучително и во Гевгелија, потврдуваат присуство на врсничкото насилство помеѓу учениците. При тоа, физичкиот булинг е помалку раширен од вербалниот и невербалниот, а ставот на учениците е дека најраспространет е булингот на социјалните мрежи. Во однос на причините на булингот, учениците наведоа дека неможноста на жртвата да се спротивстави е една од главните причини за врсн ичкото насилство. Токму затоа, преку оваа драма сакавме да ги скинеме прангите на насилство и да покажеме дека е крајно неприфатливо во сите сфери на живеењето, а најмалку во училиштата, потенцираше м-р Розита Андонова.

Според неа, потребно е да се преземат мерки од страна на училиштата за

мотивирање на учениците да пријават булинг, активно да се промовира работата на стручните служби во училиштата и да се промовира нивната психолошка и

советодавна поддршка на учениците.

-Кога станува збор за родовото насилство, тоа, во сите негови форми е секојдневие во животот на жените во нашата земја. Речиси половина(45%) од жените доживеале некаква форма на насилство од страна на интимниот партнер. Но, загрижува фактот што постои страв и срам од пријавување на насилството и недоверба во институциите, а од друга страна поголемиот број анкетирани жени во Македонија сметаат дека семејното насилство е приватна работа и дека некое „помало“ насилство во домот е нормално однесување. Затоа сметам дека најчесто на жртвите на семејното насилство им е потребно охрабрување, психолошка помош и поддршка за да се решат да го пријават насилството во Центрите за социјална работа. Укажувањето на опциите за помош и упатување во советувалиште за добивање бесплатно психолошко советување е можеби најважниот чекор при работа со жртвите на семејно и родово базирано насилство, рече таа.

На крајот, морам да споделам едно чувство, додека ги гледав младите актери во оваа триделна претстава. Тие, преку својата вдахновена игра придонесоа пораките од претставата да допрат до срцата на сите кои беа присутни во Народниот театар. Секој нивен збор, секоја нивна изречена реплика беше потсетник упатен кон нас, повозрасните, и кон сите родители. Особено моќна беше изговорената мисла на големиот Гете:

„Ако и самите родители би биле подобро воспитани, ќе можат да се раѓаат добро

воспитани деца“. (Љ.А.)