Не дојде од Марс, дојде од Фиренца

248

Масимилијано Алегри јавно го критикуваше српскиот интернационалец Душан Влаховиќ, после првите два натпревара за „старата дама“ иако најскапата зимска аквизиција од 75 мил. евра постигна два погодока. На следните два натпревара, Влаховиќ имаше неколку чисти шанси, но не се запиша во листата на стрелци. Критиките на предводникот на Јувентус кон репрезентативецот на Србија добија на интензитет после новиот голем кикс на најтрофејниот италијански клуб. Иако важеше за апсолутен фаворит, тимот на Јувентус освои само еден бод (1:1) во градската пресметка против екипата на Торино.

Освен што не се освоени трите бода, Јуве не успеа да и побегне на Аталанта со која води голем борба за четвртата позиција која гарантира настап во групната фаза од Лигата на шампиони. Србинот беше дел од почетниот состав но беше заменет во 74 минута. Најтиражниот спортски весник во Италија – „Газета дело Спорт“ го дефинираше како најлош играч на натпреварот. Напаѓачот на Јувентус не се виде на „Алијанц арена“ најмногу поради совршената игра на противничкиот дефанзивец Бремер кој буквално ги доби сите дуели со Влаховиќ.

  • Влаховиќ не беше лош, но покрај себе имаше дефанзивец кој многу го мачеше. Има уште многу за учење. Требаше целиот натпревар да го влечи Бремер по теренот и не требаше да му дозволи да биде главен. Не го направи тоа. Дефанзивецот на Торино е многу силен на топка и во дуелите, а многу е послаб кога ја менува позицијата поради напаѓачите, изјави Алегри.

Трофејниот италијански стручњак додаде дека не е задоволен ниту од физичката подготвеност на Србинот.

  • Не смееме да заборавиме дека Душан дојде од тим кој имаше одична сезона, но Фиорентина играше само еден натпревар неделно. Мора да напредува, мора да се прилагоди, инаку нема да може физички да игра на секои три дена. Не е марсовец, мора да добие време за адаптација, додаде Алегри.