На настанот „Ацо Шопов – Невообичаено“, кој се одржа синоќа, во преполната сала на Кинотеката во Скопје и во годината кога се чествува еден век од неговото раѓање, бројните почитувачи на вредностите на македонската култура и љубителите на поетскиот збор имаа можност повторно да се сретнат со творештвото на Шопов, на еден невообичаен начин

Ликот и делото на македонскиот поет Ацо Шопов, преку повеќе неконвенционални и нестандардни медиумски формати, повторно заживеаја на настанот „Ацо Шопов – Невообичаено“, кој се одржа синоќа, во Кинотеката во Скопје. Бројните почитувачи на вредностите на македонската култура и љубителите на поетскиот збор имаа можност повторно да се сретнат со творештвото на Шопов, на еден невообичаен начин.

Во присуство на претседателот на државата Стево Пендаровски, покровител на националната иницијатива „2023, Година во чест на Ацо Шопов“, како и на бројни претставници на нашите културни и научни институции и на дипломатскиот кор, беа промовирани три нови и, во својот вид, пионерски книги: „Од онаа страна на Небиднината“ („Дијалог“) од Иван Антоновски, „Песна над песните“ („Сигмапрес“) приредена од Јасмина Шопова и графичкиот омнибус „Небиднина – Not-Being“ („Флип Бук Букс“) од Жарко Иванов, Иван Ивановски, Владимир Лукаш и Крсте Господиновски. Книгите се објавени со поддршка на Министерството за култура, на Делегацијата на ЕУ во Македонија и на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“.

Во својство на претседател на фондацијата, Светлана Шопова упати до јавноста зборови исполнети со емоции, но и со гордост што јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, нејзиниот животен сопатник, се чествува на достоинствен начин, со настани со богати содржини, со три книги објавени во странство и сега уште три објавени во Македонија.

– Ацо беше голем поет и голем човек, голем патриот и голем граѓанин на светот. За него, татковината беше „светот во минијатура, а светот една поширока татковина“. Тоа се препознава во секој негов напишан збор, па затоа и годинава тој се чествува по сите меридијани, од Македонија до американскиот континент, преку Франција, Полска, Тунис, а, се разбира, и во нашиот регион, од Словенија до Турција, преку Хрватска, Унгарија, Србија…

За да го долови, низ маглините на годините, ликот на својот сопруг, Светлана Шопова се задржа на етичкиот интегритет на човекот и творец Шопов, потсетувајќи на неговите дамнешни зборови, кои и денес одекнуваат со сета своја актуелност: „Сакам и настојувам да ја откријам (…) смислата и целта на човековото постоење во нашето време, на сè она со што се одредува човекот на денешницата, сè што е возвишено и загрижувачко, сите полети и падови, сите спогодби и раздори што човекот ги чини во себе и со себе, но и како човек со човекот, генерација со генерацијата, луѓе со луѓето. Разликите се големи, понекогаш изгледаат непремостливи, но нам ни е пресудено да бидеме заедно, ние стануваме свесни за таа неминовност, чекориме низ својот живот стремејќи се да се најдеме себеси, а ги откриваме другите, чекориме низ туѓиот живот за подобро да го запознаеме, а се откриваме себеси и така (…), со горко, но чесно сознание дека тешко може да се согледа крајот на тоа патување, доаѓаме до некој гребен на човечноста…“.

Шопова му е соговорник на Иван Антоновски во книгата „Од онаа страна на Небиднината“, во издание на „Дијалог“, на чија корица доминира луцидниот поглед на Шопов, овековечен во неговиот портрет од реномираниот македонски сликар Танас Луловски. Како што оцени книжевната критичарка Лидија Капушевска-Дракулевска, книгата е прослава на дијалогот низ кој се исцртува портретот на македонскиот класик, од еден друг агол, досега непознат, од една внатрешна перспектива.

– Невообичаена, но искрена, „отворена“ книга, клучна за чување и негување на меморијата не само на Ацо Шопов туку и на еден мошне значаен период од нашата културна историја. Оваа книга е редок и скапоцен дар со кој на читателите им се нуди книжевна, културна и општествена авантура од најпрефинет вид – истакна Капушевска-Дракулевска.

Во разговорот што го поведе таа со Иван Антоновски, тој посочи дека со „Од онаа страна на Небиднината“ за првпат се доаѓа до можни одговори на многу досега само отворени прашања и дилеми.

– Затоа беше потребно тие факти од втората половина на XX век веќе да се кажат јасно и гласно. Иако на моменти предизвикуваат и многу емоции, исто онолку колку што, можеби, ќе поттикнат и реакции со можни негодувања. И тоа во време кога „небиднинското“ на Шопов, за жал, за нас е многу поактуелно отколку пред шест децении, кога тој ја напишал „Небиднина“. Оваа книга се случи токму како резултат на обид за „откопување на закопаното во тишината“. Но, сега сме пред нов предизвик – дали повторно ќе ги закопаме тие факти во тишината или ќе ги искористиме во натамошните исчитувања и во истражувањата за нашата книжевна и културна историја – порача Антоновски.

Втората промовирана книга, „Песна над песните“, по ништо не е само уште еден стандарден избор од поезијата на Ацо Шопов, забележа проф. Маја Бојаџиевска, главен уредник на издавачката куќа „Сигмапрес“.

– Со ова издание добиваме повеќе работи одеднаш: најпрвин, поезијата на Шопов – и онаа познатата и онаа помалку познатата, која излегува од магмата на времето; потоа, контекстуализација на таа поезија преку исказите на самиот Шопов, но и на оние што подлабоко се занимавале со неговото дело и, конечно, добиваме (и не знаејќи) студија за неговиот opus magnum, изработена од раката на неговиот идеален читател, кој е во сенката на зборовите на авторот. Затоа, „Песна над песните“ претставува и непроценлив прилог кон херменевтиката на македонската културна историја – нагласи Бојаџиевска.

Укоричени меѓу суптилниот портрет на поетот од Оља Ивањицки и ракописот на досега необјавените стихови од „Голема е твојата песна“, страниците на „Песна над песните“ отвораат можност за ново читање на делото на Шопов. Тие нудат една глобална слика за поетот, кого сите го познаваат како „нежен лиричар“, а чие творештво, всушност, има далеку пошироки граници, како што објасни Јасмина Шопова, приредувач на книгата, надоврзувајќи се со конкретен пример:

– „Лузна“, од збирката „Небиднина“ (1963 г.), е, секако, една од најзначајните песни на Шопов, која никого не оставила рамнодушен, а, сепак, ретко кој критичар се нафатил продлабочено да ја анализира. Можеби поради нејзината енигматичност. Во оваа книга, таа е поместена во поглавјето кое е, условно речено, посветено на детството и во кое може да се прочитаат песни од различни збирки објавувани во текот на три децении. Кога ќе се соочите со „Лузна“ во контекстот на тоа поглавје, кога ќе ви се даде можност да ја споредите со стиховите од поемата „На Грамос“, објавени во 1950 година, и да прочитате коментари за симболиката на крвта во поезијата на Шопов од автори како Анте Поповски, Георги Сталев или Ив Бержере, „Лузна“ одеднаш ќе ви се покаже не во една нова светлина туку во цела светлосна игра од различни значења и асоцијации. Ваквата структура на книгата овозможува да дојдат до израз едвај видливите нишки кои ги поврзуваат песните на Шопов, кои се носители на структурата и на хомогеноста на неговото дело и кои, во крајна линија, го оправдуваат насловот на оваа книга: „Песна над песните“.

„Песна над песните“ и „Од онаа страна на Небиднината“ беа претставени и преку прекрасната уметничка интерпретација на Софија Гогова-Врчаковска и на Емил Рубен, која на најубав начин ги илустрираше зборовите на авторите и на промоторите на овие книги.

Одделно внимание предизвика и третата промовирана книга, графичкиот омнибус „Небиднина – Not-Being“.

– Подвижните и звучни слики од омнибусот „Небиднина“ сега се укотвија на страниците на истоимената двојазична графичка книга, која се обраќа на истата, но и на една нова публика, проширувајќи го опсегот на ова поливалентно уметничко дело – нагласи Жарко Иванов, претставувајќи го изданието од име на авторите.

На настанот, четирите анимирани филма од омнибусот „Небиднина“ одиграа улога на интерпункција во претставувањето на трите книги и отворија пред публиката нови хоризонти на восприемање и поимање на поезијата на Шопов.

– Со овие филмови, кои се и првите во Македонија со поетска инспирација, годинава во август се отвори фестивалот на анимиран филм „Флипбук“, кој помина во знакот на Шопов – потсети Иванов.

Тој се осврна и на одмерениот драмски интензитет во интерпретацијата на „Грозомор“ и „Долго доаѓање на огнот“ на Никола Ристановски, како и на сензуалноста што ја внесува во „Небиднина“ шепотот на Маја Трајаноска, но и на ритмичното скандирање на Сенегалецот Дауда Ндиај, кој ја препеа песната „Во сонот на црната жена“ на јазикот уолоф, забележувајќи дека нивните гласови многу придонесоа овие наши визуелни читања на поезијата на Шопов да се здобијат со уште поголема автентичност.

Во фоајето на Кинотеката, присутните имаа можност да разгледаат две интересни изложби „Патот по кој чекорам“, промовирана годинава во УНЕСКО, на 21 март, на Светскиот ден на поезијата и „Величествен поетски мост што ги поврзува сите континенти“, промовирана на годинашните СВП, како дел од омажот што му го посвети фестивалот на својот прв претседател во 1962 година. Двете изложби ги отсликуваат истите хуманистички идеи и идеали на кои им го посветил Ацо Шопов сиот свој живот, преку поетското творештво и општествениот ангажман.