На продажба 1.207 станови и деловен простор и 278 парцели запленети од банки

За почеток во регистарот се внесени само недвижностите кои ги заплениле и сега ги поседуваат 11 деловни банки, а во иднина тој ќе се дополнува со имотот одземен од Агенцијата за управување со одземен имот, Управата за јавни приходи, Министерството за финансии, извршителите и стечајните управници.

247

Станови и деловен простор, градежно и земјоделско земјиште, кои на сопствениците им се одземени поради неплатен долг, се впишани во Регистарот на преземени недвижности наменети за продажба, што првпат е воведен во нашата држава.

Регистарот го води Агенцијата за катастар на недвижности и за почеток во него се впишани 1.207 посебни делови на згради, односно станови и деловен простор и 278 катастарски парцели на градежно и земјоделско земјиште. Директорот на катастарот Борис Тунџев објаснува дека овој имот го заплениле и сeга го поседуваат 11 деловни банки со кои оствариле соработка, а најголемиот дел од тие недвижнини ги продава Комерцијална банка. Во иднина Регистарот ќе се дополнува со имотот одземен од Агенцијата за управување со одземен имот, Управата за јавни приходи, Министерството за финансии, извршителите и стечајните управници.

Сите граѓани и инвеститори имаат бесплатен пристап до регистарот во кој има повеќе опции за лесно пребарување. Внесени се податоци за имотниот лист, за сопственикот, квадратурата, адресата, катот кога се работи за стан или деловен простор и други податоци,  но не е наведена цената.

-Регистарот на преземени недвижности наменети за продажба содржи  просторни податоци (координати на деталните точки што ја дефинираат недвижноста во рамките на единствениот државен референтен систем и државната картографска проекција) и описни податоци (катастарска култура и класа на земјиштето, викано место, број на зграда или посебен, односно заеднички дел од зграда и друг објект, влез, кат, површина, волумен, идентификатор и тип на инфраструктурните објекти, должина/висина, вредност и друго) за недвижностите преземени во постапка при наплата на побарувања или по други основи, како и податоци за субјектот  кој ги преземал недвижностите, појаснува директорот на катастарот.

Во катастарот велат дека немаат податоци колку вкупно одземен имот е на продажба во државата, но тоа ќе се знае по комплетирањето на регистарот од кој ќе се бришат продадените недвижности.

-Законски услови за воспоставување и водење на овој Регистар се создадени со донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за катастар на недвижности  во јуни годинава, вели Тунџев.

(С.В.)