На концертот “Ѕвезди на Романсијада”: Тодоровска настапи во Дворецот Кремљ во Москва

86

Магдалена Тодоровска, студентка на четврта година на отсекот соло пеење во класата на Ана Дурловска на Факултетот за музички уметности при УКИМ изминатиот викенд (26 јануари) како единствен претставник на Македонија настапи на Концертот “Ѕвезди на Романсијада” во Големиот кремљски дворец во Москва заедно со нејзините колеги – најдобри млади гласови од светот кои изведуваат руски романси.

На концертот таа била придружувана на пијано од Елена Силјановска, која е корепетитор на Македонската опера и балет во Скопје. Концертот традиционално се одржува по повод Меѓународниот ден на руската романса.

“Пресреќна сум што бев дел од овој голем светски концерт и оваа голема светска сцена, со колеги од цел свет. За овој настап јас како единствен соло изведувач од Македонија вложив огромен труд, за на најубав можен начин преку врвен музички настап да ја презентирам нашата земја. За настапот добив долг и силен аплауз од бројната публика. Тоа ме прави среќна и ме мотивира да продолжам со својата успешно започната соло кариера”, посочува Тодоровска која искажува голема благодарност кон професорката Дурловска и пијанистката Силјановска, како и танцовото шоу “Валери” од Москва кои со својата кореографија го збогатиле нејзиниот настап.

Инаку, настапот на Тодоровска во Москва е резултат на освоеното првото место на натпреварот “Балканска романсијада”, кој во ноември се одржа во Рускиот Културно-информативен центар во Софија. Тогаш таа ја добила поканата за учество на овој меѓународен концерт од членот на жирито Галина Преображенскаја, а која воедно е основоположник и уметнички директор на Московскиот меѓународен натпревар за млади изведувачи на руските романси “Романсијада”.