Најнова студија со охрабрувачки резултати: Бројот на смртни случаи од супербактерии може да се намали за 18 проценти

110
OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Може да се избегнат огромен број смртни случаи поврзани со супербактерии кои се отпорни на лекови, а бројот на смртни случаи во посиромашните земји може да се намали за 18 проценти или за околу 750.000 годишно, со спроведување на превентивни мерки, се вели во заклучокот на студија на американскиот универзитет Принстон.

Студијата објавена во медицинското списание „Лансет“ истакнува дека истражувањето покажало дека 750.000 смртни случаи поврзани со супербактерии може да се спречат секоја година со обезбедување подобар пристап до вода и санитарни услови, контрола на инфекции и вакцини во детството, пишува „Гардијан“.

Забележано е дека антимикробната резистенција (АМР) е голем глобален предизвик, со оглед на еволуцијата на таканаречените супербактерии кои се отпорни на лекови, што, меѓу другото, е резултат на несоодветна и прекумерна употреба на антибиотици.

Експертите предупредија дека ако борбата против АМР не биде приоритет, бројот на смртни случаи ќе продолжи да се зголемува, при што најзагрозени се доенчињата, постарите лица и оние со хронични заболувања.

Експертите велат дека супербактериите убиваат повеќе луѓе отколку ХИВ, маларија и туберкулоза заедно.

Според податоците од 2019 година, околу 4,95 милиони смртни случаи биле поврзани со бактериска АМР, вклучително и 1,27 милиони смртни случаи кои директно се припишуваат на таквата бактериска отпорност.

Експертите предупредија дека земјите со низок и среден приход се многу повеќе погодени од АМР отколку богатите земји.