Најкорумпирани министрите, пратениците, судиите и лидерите на партии

415

Корупцијата останува широко распространета и неказнива во Македонија. На секој трети граѓанин во државата му било побарано мито, секој четврти дал мито во 2022 година, а само 98 лица се осудени за злоупотреба на службената должност или за поткуп, што значи дека стапката на ефикасност на институциите е 0,026% за случаите откриени и завршени со пресуда, изјави  Александар Кржаловски на дводневниот отворен форум за антикорупција, на кој беше презентиран извештајот на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) за процена на корупцијата во Македонија.

Кржаловски посочи дека 25,5% од испитаниците во истражувањето потврдиле дека биле вклучени во корупција и дека доколку тој процент се проектира на полнолетното население, се доаѓа до заклучок дека се сторени минимум 372 илјади кривични дела од областа на корупцијата.

Анкетата покажува дека три четвртини од граѓаните (74,4%) сметаат дека корупцијата е распространета меѓу службените лица и дека ова е зголемување за пет процентни поени споредбено со 2021 година. Министрите, пратениците, судиите и лидерите на политичките партии и коалиции се перципирани како најкорумпирани.

Истражувањето, преку телефонска анкета, е направено на репрезентативен примерок од 1.017 испитаници и е спроведено од ИПСОС, меѓу 3 и 26 јули 2023 година.

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, вели дека корупцијата ќе биде најголемата пречка во нашиот процес на европските интеграции.

– Преговорите за членство се отвораат и се затвораат со поглавјето за владеење на правото и фундаменталните права, а последниот извештај на Европската комисија констатира дека не е забележан напредок во борбата против корупцијата кај нас – изјави претседателот Пендаровски.

Евроамбасадорот Дејвид Гир изјави дека ЕУ го гледа Западен Балкан како итен приоритет и дека очекува да бидеме бескрупулозни во борбата против корупцијата. Околу последните  измени во Кривичниот закони, Гир изрази сериозна загриженост дека се запрени постапките за голем број кривични предмети и процеси за корупција.