Најголемиот кран за отстранување на остатоците од урнатиот мост пристигна во Балтимор

193
Фото: EPA-EFE/MICHAEL REYNOLDS

Најголемиот оперативен кран на источниот брег на САД е поставен денеска во пристаништето во Балтимор и е подготвен да го почне расчистувањето на остатокот од мостот Френсис Скот Ки кој се урна во вторинот кога во носечкиот столб удри товарниот, контејнерски брод Дали.

Кранот, кој може да подигне до 1.000 тони товар, веројатно веќе во сабота наутро ќе почне да ги извлекува остатоците од конструкцијата на мостот од реката Патапско, соопшти денеска портпаролката на американската Крајбрежна стража Кармен Карвер, пренесува Ројерс.

Друг, сличен кран е на пат кон Балтимор и се очекува наскоро да пристигне за да може да се вклучи во операцијата за вадење на деловите од конструкцијата на урнатиот мост.

Мостот Френсис Скот Ки е изграден во 1972 година, ѝ беше долг околу три километри и имаше четири сообраќајни ленти на височина од 56 метри над реката, пренесува Танјуг.

Отворен е за сообраќај во 1977 година и е именуван по Френсис Скот Ки кој во 1814 година ја напиша химната на САД во која се слави победата на Американците над Британците во битката кај Балтимор.

Бродот „Дали“ кој удри во носечкиот столб на мостот и предизвика уривање на конструкцијата на мостот, е сопственост на данската компанија „Маерск“ и од пристаништето Балтимор испловил кон Шри Ланка.

Бродот е долг 189 метри и на денот на несреќата пловеше под знамето на Сингапур.