Во годината што измина и која за многумина беше тешка како и претходната, поради пандемијата на коронавирус, пронаоѓање на пакет со златници или документ кој вреди илјадници долари, сигурно би го разубавило секојдневието на секој од нас. Повеќето немаат толку среќа, но тоа не значи дека 2021 година не донесе радост во откривањето. Напротив, возбудливите откритија, како на неочекувани места така и на археолошки локалитети, предизвикаа воздишки и насмевки и кај научниците и кај лаиците, бидејќи нивното понатамошно истражување може да открие повеќе за тоа како живееле нашите предци
Прстен за мамурлак
Кисела супа, сок од домати или аспирин се можеби најпопуларниот „лек за мамурлак“ денес, но археолозите во Израел открија сосема поинакво решение користено во минатото – прстен од злато и виолетов аметист. Прстенот тежок 5,11 грама е ископан во градот Јавне, а откриен е на местото на најголемата позната винарница од византиската ера, на само 150 метри од остатоците на складиштето во кое се наоѓаа и амфори за чување вино пронајдени порано. Според археолозите, се верувало дека аметистот може да ги спречи штетните ефекти од премногу алкохол и дека прстенот го носеле и мажи и жени. Потекнува од 7 век, кога започнала византиската ера. Официјалните лица веруваат дека прстенот може да е уште постар и дека припаѓал на претставник на елитата која живеела во градот во 3 век. н. е.
Изгубениот златен град
Египетските археолози во април објавија дека откриле изгубен град стар 3.000 години и, како што наведоа, ова е најважното археолошко откритие уште од времето кога е пронајдена гробницата на Тутанкамон. Откриени се градските ѕидини, тули со печатот на кралот Аменхотеп Трети, простории полни со керамика, амајлии и алатки за предење и ткаење… Како што објаснија археолозите, овој антички град е пронајден во јужната провинција Луксор, на западниот брег на Нил и датира од периодот кое се смета за златно доба на древниот Египет, кога владеел кралот Аменхотеп Трети од 18. династија. Градот е пронајден „случајно“ откако минатата година археолозите во областа почнаа со ископувања, барајќи го храмот на фараонот Тутанкамон. Меѓутоа, по неколку недели пронашле формации од тули, за кои на крајот се воспоставило дека се остатоци од добро сочуван голем град.
Најстара слика на животно
Во 2021 научниците од Индонезија пронајдоа цртеж за кој се верува дека е најстариот приказ на животно. Овој цртеж стар најмалку 45.500 години прикажува три свињи (кои можат да претставуваат и бикови поради нивните рогови. Ова откритие е нешто постаро од слични слики пронајдени во пештери во Европа, за кои експертите веруваа дека се првите такви креации во историјата на човештвото. Со слики од пештери на островот Сулавеси, вклучително и сцени од лов за кои се верува дека се стари 43.900 години, археолозите заклучија дека фигуративното сликарство постоело во Индонезија и Југоисточна Азија речиси во исто време како и во Европа.
Златна маска
Остатоци од златна маска стара 3.000 години се пронајдени на археолошкиот локалитет во кинеската провинција Сечуан. Маската тежи околу 280 грама, а се проценува дека е направена 84 проценти од злато. Свечената маска е една од над 500-те предмети ископани од шест новооткриени „жртвени јами“. Некои експерти велат дека предметите би можеле да дадат повеќе детали за древната држава Шу, кралство кое владеело со западниот слив на Сечуан додека не бил освоен во 316 година пр.н.е., пишува Си-ен-ен. Освен златната маска, археолозите откриле златни фолии, како и артефакти направени од слонова коска. Повеќе од 50.000 антички артефакти се пронајдени од 1920-тите, кога локален фармер налетал на бројни реликвии на ова место.
Свитоци од Мртвото Море
Во март 2021, израелските археолози објавија дека откриле десетици нови фрагменти од свитоците од Мртвото Море, за кои се верува дека биле скриени за време на еврејскиот бунт против Рим за време на владеењето на императорот Адријан, помеѓу 132 и 136 година. Тие содржат текст од Книгите на Захарија и Наум, а експертите утврдиле дека датираат од 2. век н.е. Тоа е и прво откритие на такви списи во пустината јужно од Ерусалим по 60 години. Свитоците од Мртвото Море се состојат од околу 900 документи, вклучително и хебрејски библиски текстови, откриени помеѓу 1947 и 1956 година во 11 пештери околу Кумран на бреговите на Мртвото Море. Текстовите се од големо историско и религиозно значење бидејќи ги содржат единствените познати копии од библиски документи создадени околу 100 г. пр.н.е. и содржат докази за разновидност на верата и практиката во доцниот јудаизам. Тие се напишани на хебрејски, арамејски и грчки јазик, главно на пергамент, но некои и на папирус.
Венецијански бисери на Алјаска
Според новите истражувања, венецијанските бисери, со големина на боровинки кои биле ископани на северот на Алјаска во средината на 2000-та година, се најраните познати европски предмети пронајдени на тлото во Северна Америка и тоа од времето пред патувањето на Колумбо преку Атлантикот. На почетокот на оваа година, Универзитетот во Фербенкс на Алјаска објави студија во која истражувачите наведуваат дека споменатите бисери пристигнале на почвата на Северна Америка помеѓу 1440 и 1480 година, всушност децении пред Колумбо да заплови во 1492 година. Некои од пронајдените бисери се откриени во Пањик Поинт, археолошки локалитет на древна трговска рута. Според експертите, Венеција одржувала трговски односи со Азија во текот на 1400-тите, па бисерите веројатно „оделе“ по Патот на свилата до Кина, пред да се упатат кон рускиот Далечен Исток, а потоа преку Берингов Проток до Арктик.
Мурал на богот пајак
Во март, истражувачите пронајдоа мурал стар 3.200 години во Перу, за кој веруваат дека го прикажува богот пајак кој држи нож. Станува збор за мурал кој е откриен во делот на храмот, кој се наоѓа на локација која е речиси уништена, а за која се верува дека некогаш била светилиште. Близината на локалната река, како што објаснуваат експертите, всушност укажува дека на тоа место пред неколку илјади години постоел церемонијален центар и дека пајакот бил значајно животно во претколумбовските култури, кои живееле на тој простор според церемонијалниот календар. Според објаснувањата на археолозите, на тоа место веројатно се одржувале посебни свечености посветени на водата помеѓу јануари и март, во периодот кога врне најмногу дожд.
Мермерна глава на младиот Октавијан Август
Во мај, во италијанскиот град Изернија, е пронајдена мермерна глава што го претставува првиот римски цар, младиот Октавијан Август, за која се верува дека е стара околу 2.000 години. До откритието е дојдено за време на реставрацијата на оштетен средновековен ѕид, кој се урнал поради обилни дождови во 2013. Главата е висока 35 сантиметри, датира помеѓу 20 и 10 година пр.н.е., и се верува дека била дел од статуа висока повеќе од два метри и која веројатно стоела во храм посветен на култот на кралското семејство или на форумот. Интересно е и тоа што главата е направена од истиот мермер што Микеланџело го користел за време на ренесансата. Инаку, Октавијан Август создал империја која кон крајот на неговото владеење се протегала од Велика Британија до Египет, а на смртната постела се пофалил: „Го најдов Рим во тули, а го оставам во мермер“.
Жена со меч или воин во фустан?
Гробницата стара 1.000 години, пронајдена на југот на Финска во 1968 година, привлекува внимание со децении. Имено, во гробот било пронајдено тело кое било украсено со накит и облечено во типично женска облека од тоа време, но во него биле пронајдени и мечеви. Поради тоа, археолозите со децении тврделе дека се работи за гроб на жена воин. Сепак, резултатите од новите ДНК-анализи во август, доведуваат до заклучок дека воинот можеби не се идентификувал себеси ниту како маж, ниту како жена, односно имал Клајнфелтеров синдром, што ги доведува во прашање долгогодишните верувања за родовите улоги во древното викиншко општество. „Гробот има необична и моќна мешавина на женска и машка симболика, а тоа може да укаже дека поединецот не бил строго сметан ниту за маж, ниту за жена. Се чини дека бил високо ценет член на заедницата. Телото е поставено на меко пердувесто ќебе и покриено со скапоцено крзно. Можеме да заклучиме дека покојникот не само што бил прифатен туку и почитуван“, вели авторката на студијата Ула Мојланен, археолог од Универзитетот во Турки.
Скриениот Рембрант
Иако не спаѓа во категоријата археолошки откритија, случајното откривање на сликата на Рембрант секако заслужува да се најде на оваа листа. Во 2016, во една семејна куќа во Рим, слика паднала од ѕид и била оштетена. Во обид да најдат конзерватор за неа, сопствениците откриле дека станува збор за оригинално дело на Рембрант. Италијанскиот фонд за национално наследство летово официјално потврди дека сликата која паднала од ѕидот е всушност „Поклонување на мудреците“ – масло на платно потпишано од познат холандски мајстор. На платното е прикажана познатата сцена од Библијата, кога тројцата мудреци доаѓаат да го видат новородениот Исус, а експертите велат дека е создадено помеѓу 1632-33 година.