Наскоро полесно вработување во Германија, се воведува и „карта за шанса“

108

Германската економија не успева да го реши проблемот со недостигот на работна сила, а владата се надева дека барем малку ќе го ублажи со либерализација на имиграцијата.

Според „Фајненшл тајмс“(FT), министерот за труд Хубертус Хејл рече дека Германија ќе создаде „еден од најсовремените имиграциски режими во Европа“ за да го ублажи недостигот на работници што стана „вистинска кочница за економскиот раст“.

Министерот Хејл посочува дека имиграциската реформа е дел од пошироката кампања на владата на канцеларот Олаф Шолц за привлекување талентирани работници од целиот свет, за ублажување на влијанието на неповолните демографски трендови и за овозможување прилив на доволен број квалификувани работници, што стана водечки проблем за некои од најголемите европски компании.

Во интервју за FT, Хејл изјави дека постои „очајна“ потрага по работници во многу сектори на германската индустрија, а ситуацијата само ќе се влошува во иднина, имајќи предвид дека генерацијата на бејби бумер полека заминува во пензија.

„На Германија ќе и недостигаат 7 милиони работници до 2035 година ако не преземеме нешто“, рече Хејл.

И на крајот тоа може да стане вистинска кочница за нашиот економски раст“, ​​додаде министерот задолжен за секторот за труд.

Изменетата регулатива за имиграција, која Бундестагот треба да ја одобри во следните неколку недели, ќе отстрани голем дел од постоечките бариери за имиграција и вработување на странци во Германија.

На пример, странците ќе можат да се вработат иако немаат професионална квалификација според германските стандарди, објасни Хејл.

„Ќе биде доволно да имаат договор за работа со германски работодавач, одредено работно искуство и да имаат завршено стручно образование во својата земја“, додаде министерот.

Германија ќе воведе и „карти за шанса“ кои ќе им овозможат на имигрантите да собираат поени врз основа на нивното стручно образование и работно искуство, познавање на германски јазик и возраст под 35 години.

„Кој има доволно поени ќе може да дојде во Германија и да бара работа“, рече Хејл.

Друг закон кој наскоро ќе биде доставен во собраниска процедура ќе им овозможи на странците полесно да добијат германско државјанство.