Како што се ближат изборите така политичарите полудуваат!

109

Стојанче Ангелов, претседател на Достоинство и директор на Центарот за управување со кризи, се заканува дека ќе ја напушти владата на Ковачевски. Тој е незадоволен што пратениците на СДСМ не го поддржале предлогот на Достоинство за измени на Законот за бранители од 2001 година, за праведно обесштетување на петнаесетина семејства на загинати бранители, како и на триесетина воени инвалиди од 2001 година.

– Крајно сме разочарани и револтирани од пратениците на СДСМ, кои пред неколку дена гласаа против предлог-законот за дополнување на Законот за бранителите. СДСМ има можност да ја исправи оваа голема неправда, која им ја нанесе на македонските бранители од 2001, преку носењето владина одлука. Затоа, на денешната прес-конференција, повторно ќе побараме Владата да ја реализира иницијативата на Достоинство поднесена во декември 2022 година и да донесе одлука за праведно обесштетување на петнаесетина семејства на загинати бранители, како и на триесетина воени инвалиди од 2001 година. Доколку биде отфрлена нашата иницијатива, Достоинство ќе го преиспита своето учество во владејачката коалиција предводена од СДСМ и ДУИ – напиша Ангелов на Фејсбук.

Партијата на Ангелов нема пратенички мандати и неговото напуштање нема да влијае на бројчаниот однос во Парламентот, но познавачите велат дека ќе влијае на атмосферата во владината коалиција, која и онака е лоша.

Имено, најава дека може да си оди од коалицијата стигна и од Маја Морачанин, која даде рок до јуни СДСМ и ДУИ да го реализираат ветеното за една изборна едница и ветинг во судството. Таа не гласаше ни за законите поврзани со договорот за „Бехтел и Енка“, а има резерви и околу уставните измени.
Незадоволство околу законите со „Бехтел и Енка“ и Изборниот законик има и кај Балковски од ВМРО-Народна и кај Бејџан Иљас од Демократската партија на Турците.
Без ДОМ, ВМРО-Народна и ДПТ, Ковачевски ќе загуби тројца пратеници во Парламентот и ќе остане со минимални 61 пратеник во Собранието.

Претходно, власта ја напушти и Павле Трајанов откако Алијанса на Таравари влезе како трет албански партнер во Владата на Ковачевски.
Одлуката за таквиот чекор, како што рече Трајанов, е неисполнување на програмските цели утврдени и усогласени со СДСМ пред изборите во 2020 година. А, како клучни причини ги наведе борбата со корупцијата, една изборна единца, владењето на правото.
За СДСМ, власта не е во криза и не се подготвува за избори иако на терен има кампања.
Опозицијата, пак, која, исто така, е меѓу симпатизерите, вели, броени се деновите на оваа власт. За ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ е онаа што ја води државата, бидејќи и дури и кога наводно Ковачевски сакал да замине од премиерското столче, не му било дозволено тоа од владиниот партнер.

Потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, викендов не сакаше да ја коментира најавата на Ангелов, бидејќи не ја видела. Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, во телевизиско гостување на темава, изјави дека како што се ближат изборите така политичарите полудуваат, мислејќи на дадените изјави за напуштање на владината коалиција од помалите партии. Според него, „излегуваат од Владата за да обезбедат столче за себе во новата влада”.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека Владата е стабилна и коалицијата брои 65 пратеници. Според него, нормално е дека во рамки на коалицијата има политички партии со одредени ставови кои идеолошки или операционално се разликуваат од другите политички партии.

– Сите имаат исто гледање на главните политички правци на владината коалиција и работат на остварување на истата цел. Партијата ДОМ имаше изјава во однос на изборниот модел, односно една изборна единица. СДСМ практично е првата партија која го стави тој модел во својата програма и која кажа дека се застапува за него. Не сме отстапиле од тоа и затоа е формирана комисија за ревидирање на Изборниот закон, прво заради вметнување на забелешките на ОБСЕ и ОДИХР, а подоцна и во однос на изборниот модел. Таму ќе се отвори дискусија и за една изборна единица, дали ќе има отворени листи и во однос на застапеноста на етничките заедници, како и други прашања за родовата застапеност – изјави вчера Ковачевски.

За Достоинство и неговиот лидер Стојанче Ангелов, рече дека има исклучителна почит. – Ќе разговараме и во однос на законските решенија што ги предлагаат и за нивната усогласеност со другите. Секогаш може да се изнајде заедничко решение – потенцира Ковачевски.   (В.М.Б.)