Во Даутпашиниот амам ќе биде поставена самостојна изложба на академскиот уметник Симон Шемов. Свеченото отворање е на 27 септември во 20 часот, а обраќање ќе имаат директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими, академик Влада Урошевиќ, лауреат на „Струшките вечери на поезијата“ за 2023 година и историчарката на уметност Ана Франговска, куратор на проектот.

-Размислата „Сето време е сега“ на поетот и есеист Алек Дервен Хоуп е најава на новата визуелна сензација која ни ја нуди Симон Шемов, т.е. неговата десетлетна богата уметничка продукција која, покрај „новиот“ емпиризам, го носи и бремето на минатогодишното искуство подолго од половина век, со онтологијата и антолошкото значење на едно богато уметничко кредо. Најновиот творечки циклус на маестро Шемов, насловен „Мултиверзум“, се занимава главно со аспекти на космологијата и космогонијата, т. е. со проблемите на појавата и егзистирањето на космосот и универзумот, а секако, преку оваа општа феноменолошка семантика, и со посебната хуманистичка егзистенцијална природа на човекот, трагање кон посебното од општото или обратно, преку субјективното и сингуларното кон безграничното, вели во најавата за изложбата кустосот Ана Франговска, додавајќи дека во најновиот опус од речиси 400 дела, се издвојуваат „четири феноменолошки аспекти кои се аналогни на неговите повторливи интереси низ хронологиската матрица и се провлекуваат како дискурсни нишки низ неговиот целокупен уметнички опус (од почетоците, во средината на 60-тите на минатиот век до денес)“.

За Соња Абаџиева, критичар и историчар на уметност, „предизвикот од детството на неговото сликарство, сè уште ја надразнува неговата истражувачка мисија, која почнува од една точка со туш, а до денес љубопитно ѕирка зад оградата, зад неговите Паравани, со трајна надеж дека еден ден истражувачкиот процес ќе го доведе до одговорот за вистината на постоењето на нас самите, на сите во неограничената космогонија“.

-Шемов е вљубен во живиот свет. Тука е сосредоточена неговата неизмерлива тврдоглавост да го растајни опстанокот во целиот универзум, каков, колкав и каде и да е, додава Абаџиева.

Поставката ќе биде достапна за публиката до 27 ноември.