Музичарите сакаат да свират и да пеат секаде, а не само на свадби

Музичарите незадоволни од новите протоколи за работа на угостителските објекти со кој жива музика може да има само на свадби, а не и во кафулиња и други локали, излегоа на протест пред Владата. Тие бараат олабавување на мерките, да нема дискриминација и конечно по 15 месеци да можат да почнат со работа сите. Се надеваат дека овој пат ќе бидеме сослушани и сериозно сфатени, бидејќи во спротивно може да ја изгубиме препознатливоста и традицијата на државата

569

Музичарите вчера протестираа пред Владата и го искажаа своето незадоволство од новите протоколи за работа на угостителските објекти. Тие не се согласуваат со одлуката жива музика да има само на свадби, а не и во кафулиња и други локали, како и со барањето од Владата музичарот да смее да свири или да пее само ако е член на некое од здруженијата на уметници во земјава. Музичарите бараат олабавување на мерките, да нема дискриминација и конечно по 15 месеци да можат да почнат со работа сите.

Музичарите и музичките работници преку Здружението за унапредување на правата на музичарите (ЗУПМ) „Музика сега“ бараат од Владата укинување на точките од протоколите со кои во угостителските објекти за исхрана и кафетерии е забрането организирање на музички настани со настап на музички уметници во отворен и затворен дел од објектот пејачи, музички групи, диџеи и со кој се ограничува максималното ниво на бучава во објектите на 55 децибели.

-Веќе изгубивме надеж дека нешто може да се промени бидејќи 15 месеци не можеме да ја извршуваме нашата основна дејност, односно да свириме и да пееме. Искрено се надеваме дека овој пат ќе бидеме сослушани и сериозно сфатени, бидејќи во спротивно може да ја изгубиме препознатливоста и традицијата на државата. Ќе се надоврзам на една мисла „Ако сакаш да дознаеш како се живее и како функционира една држава тогаш слушни ја нејзината музика“, изјави за ВЕЧЕР, Даниел Максимов, дипломиран музичар, кој настапува на живи свирки по скопските локали.

Тој вели дека голем дел од музичарите за да преживеат најдоа друга работа, дел заминаа во странство, а дел се подготвуваат да го направат истото.

-Не може само да се дозволат свадби и да се реши проблемот на музичарите, бидејќи има и музичари кој настапуваат во кафеани, кафулиња, дискотеки, ноќни клубови… Со оваа мерка се врши дискриминација на музичарите, вели Максимов. Според него одлуката на Владата за ограничување на јачина на музиката на 55 децибели нема никаква смисла, бидејќи автомобилите по улиците и косилките за трева во парковите прават поголема бучава од 55 децибели.

Од Здружението „Музика Сега“ велат дека неможат да ја разберат логиката на последната одлука од Комисијата за заштита од заразни болести со која на едни музичари им се дозволува да свират, а на други не.

-Зошто свадбите и музичарите кој настапуваат по свадби би биле привилегирани сега во однос на другите? Каде се протоколите за мали настани во кафулиња, ресторани, ноќни клубови, барови, кафеани, и други угостителски објекти кои ви ги предадовме изминатото лето и до кога ќе трае оваа дискриминација, реагираат од здружението „Музика сега“.

На протестот се пушташе посмртен марш, со кој музичарите симболично ја погреба македонската музика.

(А.С.)

Фото: Ѕ. Плавевски