Со ексклузивно изложување на уметничкото дело „Доблест во нужност“, на познатиот италијански уметник Џанфранко Барукело, Музејот на современа уметност вчера, во присуство на многу гости, прослави 60 години постоење. Значајниот јубилеј на МСУ го честиташе и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

– Имавме ексклузивна можност по 35 години, да го погледнеме уметничкото дело „Доблест во нужност“ на познатиот италијански уметник Џанфранко Барукело. Оваа уникатна колекција на творби е подарок од уметници од целиот свет, знак на солидарност за постземјотресно Скопје. МСУ е своевидна победа на уметноста во втората половина од 20 век, но и синоним за слободна уметничка мисла. Посакувам уште многу години успешна работа, а на ентузијастите и професионалците од овој Музеј би им порачала да продолжат да водат со чисти и прогресивни идеи, рече Костадиновска-Стојчевска.

Музејот на современата уметност – Скопје, денес, 11 февруари одбележува 60 години од основањето. По катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година, уметниците од целиот свет во знак на солидарност започнуваат да подаруваат свои уметнички творби од кои се создава уникатната колекција на Музејот. Делото на Барукело (1924 –2023), кое е едно од најрепрезентативните донации на МСУ е конзервирано од стручниот тим на Музејот и е претставено пред јавноста, овозможувајќи нови согледби и толкувања.