Мицевски: Патните документи да важат и во наредниот период, ВМРО поднесе измени на две законски решенија до Собранието

88

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, соопшти дека подготвиле и до Собранието доставиле измени на две законски решенија, Законот за патни исправи и Законот за возачките дозволи односно за безбедност во сообраќајот.

„Итна е постапката, гледате и вие дека јавноста е сензибилна по ова прашање и ние денес како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ ги подготвивме законите и ги поднесовме до архивата на Собранието.

Дополнително со тоа поднесовме и барање за свикување на итна седница со потписи од 20 пратеници. Претседателот на Собранието може да ја свика седницата во текот на денешниот ден.

Инаку по однос на самите законски решенија, се работи за измена на одредбите од двата Закони кои што предвидуваат завршување на роковите по однос на ова законско решение за патните исправи и за возачките дозволи. Со оваа измена ќе се продолжи одредбата за да можат да важат и во наредниот период“ – рече Мицевски.

Информира дека имал разговор и со премиерот, кој што, како што рече, го очекуваат да дојде и заедно со претседателот на Собранието, како пратенички групи да изнајдат решение.