Министерот за здравство Фатмир Меџити очекува истрагата за Клиниката за онкологија да заврши во најкраток можен рок, бидејќи, како што вели, смета дека на овој начин пациентите ќе си ја вратат довербата и кон лекарите и кон здравствените институции. Во однос на тоа дали на Онкологија и на други клиники имало злоупотреби поврзани со пациентите што доаѓале од други држави, Меџити кажа дека во моментов не би сакал и нема да сподели информации во интерес на процесот што се води од Обвинителството. Во однос на апаратурата што не се користи на некои клиники, Меџити рече дека се прави попис на сите апарати што се донирани, а не се во функција

 

 

 

Министерот за здравство Фатмир Меџити очекува истрагата за Клиниката за онкологија да заврши во најкраток можен рок, бидејќи, како што вели, смета дека на овој начин пациентите ќе си ја вратат довербата и кон лекарите и кон здравствените институции. Министерот Меџити информира дека има пациенти што се обраќаат до Министерството за здравство за да го кажат своето искуство од лекувањето на Онкологија, а дека потоа тие ги препраќаат до Обвинителството. Што се однесува за протестите што се случуваат секој понеделник пред Владата и пред Обвинителството, министерот Меџити смета дека тоа е право на секој човек.

– Јас лично, како човек и како министер, мислам дека тоа е најдемократски чин и секој има право да протестира. И јас ги поддржувам ваквите протести. Но, тоа што сакам да го напоменувам секогаш, гледаме со случајот „Онкологија“ дека се злоупотребува. Апелирам да не се користат ваквите протести за дневни, политички евтини поени – нагласи вчера министерот за здравство Фатмир Меџити.

Во однос на тоа дали на Онкологија и на други клиники имало злоупотреби поврзани со пациентите што доаѓале од други држави, Меџити кажа дека во моментов не би сакал и нема да сподели информации во интерес на процесот што се води од Обвинителството.

– Обвинителството ќе донесе одлука, која јавно ќе биде кажана за сите. Пациентите што се обратиле до Министерството за здравство и до мене лично, ние сме им ја кажале точната адреса, да одат во Обвинителството. Сметам дека Обвинителството работи транспарентно, многу отворено со пациентите, нивните семејства, со сите што имаат точна информација. На крај, кога ќе има конечна одлука, транспарентно, очекуваме што побрзо да ѝ се стави крај на оваа неизвесност – одговори Меџити и дополни дека е во прашање и образот на здравствените работници.

Во однос на апаратурата што не се користи на некои клиники, Меџити рече дека се прави попис на сите апарати што се донирани, а не се во функција.

– Во врска со акцелераторите, од првиот ден кажав и пратив службите што се надлежни за оваа програма, каде што има скапа донација, што е платена и што не се искористува од страна на здравствените работници, да има еден попис и точно да се знае каде што имаме и дали има кадар, или да дисперзираме или да се носат тие апарати во друга установа, каде што ќе бидат корисни – објасни министерот Меџити.

Конкретно за ацелераторот на Онкологија, вели дека не знае зошто не се користел.

– Да имаше нов акцелератор со таква финансиска сума и да стои под прашина седум години, да не се стави во употреба, не би можел да кажам зошто е тоа така направено. Колку што знам, таму има четири акцелератори, два веќе се прикрај со работењето и едниот од нив, што е најстар, може да се смени. Од утре веќе почнуваме да го демонтираме тој апарат, кој седум години не работел. Нормално дека треба да се сервисира од таа компанија што има лиценца за тој апарат – нагласи Меџити.

Како што кажа, според раководителите на Клиниката за онкологија, четири акцелератори ја покриваат потребата на пациентите. Тој кажа дека и во Клиничката болница Битола има таков апарат, но дека треба да се екипира стручниот кадар. А, за ацелераторот во Штип рече дека таму треба прво да се направи инфраструктура.

–Замислете, таму е набавен ацелератор, а нема инфраструктура. Во 2024 година, тој апарат ќе го ставиме во функција со новиот буџет на Република Македонија – вети Меџити.

(В.Ма.)