Место санација на железничкиот мост кај Стоби, која би чинела најмалку половина милион евра, најдобро решение е да се направи нов мост. Ова е размислувањето на дипломираниот градежен инженер во пензија, Филип Ивановски, кој долги години работеше во Македонски железници.
Тој вели дека во 2018 година бил саниран столбот два на овој мост и дека санацијата чинела 350 илјади евра, а сега се претпоставува дека интервенцијата на столбот три ќе чини 500 илјади евра. Според него, тоа ќе бидат залудно потрошени пари, а повторно ќе имаме стар мост, кој, кога-тогаш, пак ќе мора да се санира.
Ивановски вели дека зголемениот доток на вода на реката Црна придонел да се наруши стабилноста на столбот, кој е оштетен. Тој објаснува дека мостот е со должина од 61,3 метри и има четири столба – два крајни и два средни во коритото на Црна Река.
– Во 2018 година беше оштетен столбот два, железничкиот сообраќај беше во прекин 40 дена. Беа вградени 30-35 кубни метри бетон, при што еден кубен метар чинеше повеќе од 10.000 евра, а најавна цена на 1м3 изнесува помалку од 100 евра. Новото оштетување е на столбот три, кое е предизвикано од тонење на столбот, исто како во 2018 година. Поради инфлацијата во изминативе пет години, сега санацијата на овој столб би чинела 500 илјади евра и нови 40-50 дена затворена пруга – вели Ивановски.
Иако санацијата на столбот два беше пред пет години, сепак, движењето на возовите преку мостот оттогаш се одвиваше со 20 километри на час, поради сериозните статички нарушувања на конструкцијата.
– Во 2018 година, предложив заемно подулирање на главниот носач, кое ќе чинеше 20.000 евра и ќе значеше застој на сообраќајот од 7 до 8 дена, со напомена веднаш да се пристапи кон изработка на нов мост – вели Ивановски.
Со санацијата на столбот два во 2018 година, профилот на речното корито се намали за еден метар.
– Поради намалениот профил, се зголемува брзината на водата, а матицата благо се доближува до столбот три. Можно е ваквата состојба во изминативе пет години да предизвикала поткопување на незаштитениот столб три. Овој столб требаше да се заштити уште при санацијата на столбот два, а постои ефикасна и евтина заштита на речните столбови со метална мрежа од плетена жица наполнета со крупен камен – објаснува Ивановски.
Постојниот мост има 120 кубни метри бетон за горниот строј, главните носачи и за коловозот и околу 300 кубни метри за темелите и за столбови или вкупно околу 500 кубни метри бетон.
– Причината за оштетувањето на мостот на реката Црна кај Стоби, на гредите носачи е поместувањето на темелите на едниот, среден столб, кој се наоѓа во коритото на реката. Тоа предизвикало деформација на горниот дел од мостот, одредени пукнатини и поместување на шините и било индикатор дека се случило нешто со конструкцијата на мостот – изјави деновиве проф. д-р Горан Марковски, декан на Градежниот факултет – Скопје.
Тој објаснува дека не може да се откријат ваквите дефекти на темелите додека не се случи нешто на другите делови од објектот.
Санирање или нов мост е дилемата и кај министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Тој рече дека увидот покажал дека темелот на столбот три е во очајна состојба. Од Министерството за транспорт и врски за весникот ВЕЧЕР изјавија дека мостот е во фаза на санација.
– Се очекува до Нова година да заврши санацијата. Потпишан е договор со истата фирма која го санирала столбот 2 претходно на истиот мост – потенцираат од Министерството.
Поради оштетениот мост, железничкиот товарен превоз е во целосен прекин, додека патничкиот на релација Скопје – Гевгелија се одвива со воз до Градско, каде што патниците се преземаат со автобус до железничката станица „Криволак“, а оттаму се влегува во друга возна композиција.
За инвестиции во железничката инфраструктура, во државниот буџет за 2024 година се предвидени 30,9 милиони евра, при што околу 60 отсто од средствата ќе се обезбедуваат од заеми.
(С.Бл.)