EPA-EFE/ALEXANDRA CARNOCHAN

Екипата на Мајами одигра уште една одлична сезона во НБА-лигата, во која ќе се бори против Денвер за прстенот на најквалитетното кошаркарско натпреварување. По пласманот во финалето и победата над Бостон преку мајсторка, Мајами е шампион на Источната конференција, иако пред само еден месец никој не го гледаше меѓу фаворитите. Одличниот тим на тренерот Ерик Спелстра, преку плејинот, избори пласман во плејофот и направи невидено чудо, а на своите ривали им одржа лекции по кошарка и заслужено е на чекор до титулата.

На решавачкиот седми натпревар од финалната серија на Истокот, Мајами убедливо го совлада Бостон со 103:84 на гостински терен и со тоа закажа дуел со Денвер во големото НБА-финале.

Апсолутен херој на Мајами во оваа серија, како и во целиот плејоф, беше одличниот Џими Батлер (33), кој во годините зад нас израсна во вистинска НБА-суперѕвезда. Џими е нерешлива енигма за повеќето одбрани на НБА-тимовите, односно вистински лидер и најзаслужен за големиот успех на Мајами. Тој го заврши решавачкиот меч со 28 поени, 7 скока и 6 асистенции и беше убедливо најзаслужен за тоа што неговиот тим успеа да забележи триумф во мајсторката од финалната серија по трите последователни победи на Бостон.

Но, неговата животна приказна е за филмско сценарио, кое никого нема да остави рамнодушен.

Џими е роден во 1989 година во Томбол, мал град недалеку од Хјустон. Никогаш не го запознал својот татко, бидејќи го оставил кога се родил, а на 13 години останал без најголемата поддршка во животот – без својата мајка. Меѓутоа, мајка му не починала, туку го избркала од куќата. Рекла дека не ѝ се допаѓа неговиот изглед и дека мора засекогаш да си замине од дома. Останал сосема сам, без никого и без ништо. Имал само 13 години и не знаел што да прави. За среќа, пријателите веднаш му пришле на помош. Не го пуштиле да остане на улица. Одел од куќа до куќа, во секоја престојувајќи по неколку недели. Така ги поминал првите три години од средното образование, а потоа го запознал бруцошот Џордан Лесли.

Преку кошарката, брзо се спријателил со младиот Џордан, кој сфатил во каков проблем се наоѓа тој, па решил да му помогне. Тој му понудил да живее со него во нивниот дом и покрај лошата финансиска состојба и многуте браќа и сестри.

Но, тогаш се спротивставила мајката на Џордан, Мишел Ламберт, која по само два дена му се обратила на својот син: „Ова е трета ноќ, а Џими е сè уште тука, што се случува?“

Тогаш нејзиниот најмлад син ѝ се спротивставил и така Џими Батлер станал дел од семејството, кое подоцна и го посвоило.

Џими се трудел никому да не му пречи. Никогаш не одел во кујна да јаде, не сакал да се наметнува, се плашел да не биде нападнат, да не им пречи на другите членови на семејството. Неговиот тренер во средното училиште, Бред Бол, знаел дека има семејни проблеми, но не знаел каква е неговата приказна.

  • Од сите генерации што некогаш сум ги тренирал, Џими беше играчот кој поминуваше најмногу време со мене. Тој беше таму секое утро пред тренинг, често ми се јавуваше да ме праша дали може да дојде во вежбалница или во сала. Луѓето не го забележуваа многу, беше повлечен – изјави еднаш Бол.

По две години на Тексас јуниор колеџот, Џими привлече големо внимание кај сериозните тимови и на крајот заврши во Чикаго булс, кој го избра како 30. пик на драфтот. Во Чикаго помина шест години, една сезона ја предводеше Минесота, а пред да дојде во Мајами, играше за Филаделфија.