Американскиот милијардер Илон Маск денеска одговори на поканата од Хамас да го посети Појасот Газа, велејќи дека во моментов е опасно да се биде во областа.
– Се чини малку опасно да се биде таму во моментов, но верувам дека на долг рок просперитетна Газа е добра за сите страни – напиша Маск на социјалната мрежа Х.
Висок функционер на палестинската милитантна група Осама Хамдан претходно го покани сопственикот на компанијата „Тесла“ и на социјалната мрежа Икс да ја посетат Газа, за да ги увидат последиците од израелското бомбардирање.
„Го покануваме да ја посети Газа за да се увери во колкав обем е масакрот и уништувањето извршено врз народот на Газа, во согласност со стандардите на објективност и кредибилитет“, рече Хамдан на прес-конференција во Бејрут.
„За 50 дена Израел фрли повеќе од 40.000 тони експлозив врз домовите на беспомошните жители на Газа“, додаде тој.
Оваа недела Маск ги посети локациите во Израел каде Хамас ги изврши нападите на 7 октомври и изјави дека ќе стори се што е потребно за да се запре ширењето на омраза.