Mаратонците од Македонија кои утре, 14 октомври, во 16:30 часот ќе трчаат од Нова Градишка до Крушево во чест на Тоше Проески, претпладнево пристигнаа во Загреб. Ова ќе биде шеснаесетти пат да трчаат во чест на нашиот ангел кој загина во сообраќајна несреќа.
Маратонците утрово ја посетија македонската православна црква „Света Злата Мегленска“, каде беа пречекани од амбасадорот на Република Македонија во Хрватска, Милаим Фетаи, претставничката на Македонскиот културен центар, Наталија Поповска и членови на Македонското културно уметничко друштво, „Охридски бисер“. Потоа тие заминаа на дружба со Мирослав Рус, со кого Тоше соработуваше долги години.
Маратонците ќе трчаат низ целата територија на Хрватска и на Србија. Се очекува на 15 октомври (недела) да пристигнат на граничниот премин Табановце и да продолжат кон Скопје, а на плоштадот Македонија да дојдат околу 18 часот. Вечерта ќе тргнат на пат за Крушево, каде што треба да пристигнат на 16 октомври (понеделник) околу пладне, на годишнината од загинувањето на Тоше Проески.
Учесниците ќе го завршат ултрамаратонот на Гумење каде ќе му оддадат почит на Тоше. За потсетување, Проески загина во сообраќајната несреќа кај Нова Градишка, Хрватска, на 16 октомври 2007 година.
(Љ.А.)
фото: vecer.press