– Институтот за македонски јазик како најголем проучувач, промотор и овластен субјект за заштита на македонскиот јазик годинава со гордост одбележува 150 години од раѓањето на патронот Крсте Мисирков и прв неформален кодификатор на македонскиот јазик. Истовремено одбележуваме и 80 години од Првото заседание на АСНОМ, на кое е конституирана македонската држава во рамките на југословенската федерација, а македонскиот јазик е заведен како службен јазик во неа. Така, по многувековна борба Македонците се изборија за признавање на мајчиниот македонски јазик, изјави Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик, на одбележувањето на 21. Февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

– Денеска во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ го одбележуваме Меѓународниот ден на мајчиниот јазик и го промовираме Движењето на УНЕСКО и на светот за афирмација на мајчиниот јазик како силен инструмент во зачувувањето на културното наследство и за охрабрување на јазичната разновидност. Институтот за македонски јазик како најголем проучувач, промотор и овластен субјект за заштита на македонскиот јазик годинава со гордост одбележува 150 години од раѓањето на патронот Крсте Мисирков и прв неформален кодификатор на македонскиот јазик. Истовремено одбележуваме и 80 години од Првото заседание на АСНОМ, на кое е конституирана македонската држава во рамките на југословенската федерација, а македонскиот јазик е заведен како службен јазик во неа. Така по многувековна борба Македонците се изборија за признавање на мајчиниот македонски јазик. И затоа ние ја почитуваме желбата на нашите сограѓани, но и на сите луѓе во светот, да зборуваат на својот мајчин јазик, рече Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик, на денешното одбележување на 21. Февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.

Како што посочи Јованова-Грујовска, преку почитувањето на различните јазици и култури стануваме свесни за својата национална разновидност, од една страна, а ги зацврстуваме разбирањето, толеранцијата и дијалогот, од друга страна.

– Почитувањето и прифаќањето на различностите, по предлог на помладите колеги од Институтот, ни овозможи годинава да ги запознаеме учениците на македонски, српски, албански, ромски, босански, турски итн., но и на знаковен јазик. Истовремено ќе го слушнеме, ќе го видиме и ќе го почувствуваме светот на поинаков, но убав начин. Колку и да сме различни, под сонцето сите сме исти, сите сме важни, сите сме потребни. На Меѓународниот ден на мајчиниот јазик ја истакнуваме и ја почитуваме нашата различност, нашата сличност, нашата припадност, и нашата уникатна вредност, додаде Јованова-Грујовска.

На настанот за одбележување на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик се обрати и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

-Ова е ден кога низ светот, но и кај нас се организираат настани по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик од каде што се испраќа единствена порака – јазиците се важни. Денес, 24 години, после усвојувањето на Декларацијата за културна различност – јазиците се уште поважни. Тие не се само средство за комуникација, туку и интегрална компонента на идентитетот на секој поединец и нација, начин на зближување на различностите, толеранција и меѓусебно прифаќање, истакна Костадиновска-Стојчевска.

Како што додаде таа, македонската научна, образовна и културна средина поседува врвни научници, учители, истражувачи, професори, автори, писатели, медиумски работници и поединци кои во изминатите децении дадоа значаен придонес за заштитата на македонскиот јазик, на неговата богата лексика, синтакса и на неговата посебност.

-Нашиот мајчин јазик, македонскиот јазик е реалност во светската ризница на јазици низ науката, културата и образованието. Заштитен, недопирлив, единствен. Изминатиот период Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ беше наш партнер во изработката на новиот Закон за употребата на македонскиот јазик кој е траен влог во нашиот идентитет и посебност. Со ова покажавме и дека научните работници со поддршка на институциите се вистинскиот и најсилниот бедем во заштитата на нашата култура и историјата на нашиот јазик. Министерството за култура преку годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес и преку другите механизми секогаш е партнер и поддржувач на процесите за зачувување и промовирање на мајчиниот јазик, но не само на македонскиот, туку и на сите јазици кои се говорат во нашето општество, додаде Костадиновска-Стојчевска.

Проф. д-р Борче Арсов, научен советник при Институтот за македонски јазик, пак, се осврна на почетоците на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.

-Се одбележува од 2000-та, откако во 1999 година, на 30. седница на Генералната конференција на УНЕСКО, симболично 21 Февруари е прогласен за Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, поттикнати од годишнината од крвавиот протест за бенгалскиот јазик во 1952 година. На овој ден се празнуваат сите мајчини јазици во светот, а ги има околу 7 илјади според последните информации објавени од Организацијата на Обединетите нации. На овој ден се слави различноста, разновидноста, разноликоста – јазична и културна. Преку чествувањето на овој ден придонесуваме за зголемувањето на свеста за клучната улога на јазиците во развојот на културната разновидност и на меѓукултурниот дијалог, но и го потенцираме стремежот за квалитетно образование за сите луѓе, за градењето инклузивни општества и за зачувувањето на културното наследство. Тесната поврзаност на јазикот со идентитетот, со социјалната интеграција, со образованието и со развојот на комуникацијата воопшто, го потврдуваат значењето на јазиците за луѓето на целата планета, додаде Арсов.

Програмата за одбележување на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик продолжи со излагањето „150 години од раѓањето на Крсте Мисирков“, читање творби на повеќе јазици и посета на Спомен-собата на Мисирков. (Н.И.Т.)