Македонската кардиохирургија испиша историја, извршена прва трансплантација на срце од донор:Во Иван продолжи да чука срцето на Емилија

На Клиниката за државна кардиохирургија во Скопје, по шестчасовна операција, во два часот по полноќ, на 23 мај годинава, е трансплантирано  срцето на Емилија Динева во телото на 54-годишниот пациент Иван Огњановски. Два бубрега од истиот донор се трансплантираа на Клиниката за урологија кај двајца пациенти со хронична бубрежна слабост, кои со години беа на дијализа. Според Министерот за здравство Венко Филипче трансплантацијата е успешна, пациентот се разбуди и се чувствува добро! -Ова е огромен успех на македонското здравство. Честитки до сите колеги кои беа дел од овој голем медицински тим, којшто направи ремек-дело, и со кои се гордееме – вели Филипче.

152

Македонското здравство испиша историја со првата успешна трансплатација на срце од донор. Докажавме дека кога политиката ке се тргне на страна и кога работата во свои раце ќе ја земат професионалци и кога хуманоста и борба за човечки живот е водилка , успехот е загарантиран. Огромна благодарност до семејството Диневи кои во најтешките моменти во својот живот, со најголема тага и болка ја донесоа најхуманата одлука да спасат друг живот, и не еден, туку три животи. Голем наклон за ова семејство. Голем наклон за лекарскиот тим кој успешно ја изведе операцијата и докажа дека и Македонија има лекари професионалци кои заслужуваат респект и кои со своето знаење можат да се носат со светските имиња во медицината. Сметаме дека овој историски момент заслужува да остане трајно запишан на страниците на весникот ВЕЧЕР, еден од најстарите медиуми во Македонија и со тоа да дадеме свој придонес овој историски момент никогаш да не се заборави. Ова е печат на едно време, на кое ќе се навраќаат идните генерации. Во таа чест , на овие храбри луѓе им ја посветуваме и денешната насловна страница на нашиот и ваш весник ВЕЧЕР!

 

Во услови на пандемија со коронавирус Македонија испиша историја. Првпат во нашата земја е направена  трансплантација на срце од починат донор. На Клиниката за државна кардиохирургија во Скопје, по шестчасовна операција, во два часот по полноќ на 23 мај годинава е трансплантирано  срцето на Емилија Динева во телото на 54-годишниот пациент Иван Огњановски. Два бубрега од истиот донор се трансплантираа на Клиниката за урологија кај двајца пациенти со хронична бубрежна слабост кои со години беа на дијализа.

Хируршкиот тим  со голема професионалност  направи  ремек-дело во кардиохирургијата и ја вброи нашата земја на светската листа каде што се изведуваат овие сложени интервенции. Во операционата сала број 2, таа историска ноќ свиреше симфонијата наречена живот.

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека  испишавме историја бидејќи првпат во нашата земја беше направена трансплантација на срце од починат дарител. Според него, во услови на пандемија, во услови на страв, во услови на безнадежност, победи хуманоста и љубовта. Победи цената за сите оние непроспиени ноќи над книга, победи секоја солза и тага за загубен живот, победи вистинска посветеност, да се биде! Хируршкиот тим со извонредна професионалност, прецизност и внимание го изведе ова ремек-дело, a кога би ги претвориле сите оние милиметарски потези во ноти, во операционата сала број 2, оваа ноќ свиреше симфонијата „Живот“!

-Еден чин, еден акт, една организација, предоперативна примена, оперативна интервенција и постоперативен тек што сите нас овде нè прави многу горди. Трансплантацијата немаше да биде можна без еден друг чин на човекољубие, на алтруизам, поради тоа што семејството Диневи пред неколку дена ја загубија својата сакана мајка и сопруга и по дијагностицирањето на мозочната смрт, се согласија да ги донираат срцето и бубрезите на починатата, рече Филипче.

Тој верува дека со ова ќе се испрати многу силна порака до сите наши граѓани колку е битно донирањето органи, дека тоа во одреден момент спасува животи.

-Кардиохиругијата и медицината имаат периоди на моќ и на немоќ. До вчера не бевме моќни да го спасиме животот на Иван Огњановски и тој самиот, медицинските тимови беа свесни дека ги живее последните денови, но со овој чин на алтруизам на семејството Диневи, на Миле, Влатко и Викторија, со нивна согласност, срцето на нивната сакана сега чука тука во градите на Иван и тој го почнува неговиот втор живот, рече министерот.

Сепак, додаде тој, борбата е на почетокот.

– Заврши еден од најтешките делови, се надеваме дека во процесот што следува организмот нема да го отфрли срцето и исто така и двата бубрега кај другите двајца реципиенти кои сега ќе живеат многу поквалитетен живот и нема да одат на дијализа, рече Филипче.

Министерот посочи дека првпат во земјава се обединија знаењата, капацитетите, искуството и експертизата на тројцата наши врвни кардиохирурзи, проф. д-р Сашко Јовев од државната Клиника за кардиохирургија, академик Жан Митрев од Клиниката „Жан Митрев“ и проф. д-р Александар Николиќ од Клиниката Аџибадем Систина. Тие покажаа дека здравјето на граѓаните е на прво место, и етиката и Хипократовата заклетва ги надминуваат сите разлики.

Проф. д-р Сашко Јовев од Државната кардиохирургија, под чие водство е изведена трансплантацијата, кажа дека пациентот засега е добар, се разбуди и се чувствува добро  и изрази надеж дека така и ќе остане добар.

– Овој зафат не само што претставува круна во кардиохирургијата во нашата земја туку и претставува процес на заокружување на лекувањето на терминалната срцева слабост – вели Јовев и тој изрази надеж дека ваквите процеси ќе продолжат и во иднина и ќе имаме уште повеќе донори за да спасиме уште повеќе животи.

Националниот координатор за трансплантација Маја Мојсова, порача дека ова немало да биде успешно без семејството што го донираше органот.

–Сметам дека ова може само да ни даде уште поголема вера и надеж дека семејствата што ќе се соочат со загуба на близок ќе се одлучат за донирање на органите и сепак голем број пациенти ќе имаат шанса да продолжат со лекување со нов орган. Сакам да изразам сочувство на семејството и да кажам дека срцето на нивната драга чука и во суштина сè уште живее, изјави Мојсова.

Нагласи дека нема подобра кампања од ова, кога лично и семејствата на тие што примаат и на тие што донираат би ја раскажале својата приказна.

– Верувајте многу е тешко кога сте тажни да донесете рационална одлука и да бидете во тој момент хумани, човекољубието да биде над вашите внатрешни и најдлабоки емоции. Затоа сметам дека семејствата се најголемите херои, истакна Мојсова.

Доктор Жан Митрев од Клиниката „Жан Митрев“, рече дека од минатата година првпат во Македонија се дозволи вградување на вештачки срца, што беше првиот исчекор кон ова.

– Сакам да се заблагодарам на министерот Филипче, кој нè организира и сплоти со една цел да ги лекуваме пациентите, изјави Митрев.

За д-р Александар Николиќ од „Аџибадем Систина“ ова е еден од најзначајните чекори во македонската медицина и навистина историски ден.

На експлантацијата работеа д-р Марјан Шокаровски и д-р Александар Колевски од Клиниката за државна кардиохирургија, д-р Александар Николиќ од „Аџибадем Систина„, а од КАРИЛ анестезијата ја водеа д-р Маја Мојсова-Мијовска, д-р Весна Дурнев и д-р Билјана Андоновска.

Трансплантацијата на срцето ја работеа проф. д-р Сашко Јовев и академик Жан Митрев заедно со д-р Васил Папестиев, д-р Марјан Шокаровски, д-р Ванѓел Здравески, д-р Кјутим Џелили, д-р Тања Анѓушева, д-р Никола Христов,  д-р  Стефанија Хаџиевска, д-р Надица Мехмедовиќ, д-р Весна Миташова, д-р Јасмина Илиевска, д-р Марија Гераковска и д-р Димче Славевски од „Аџибадем Систина“.

На Клиниката за урологија на трансплантациите на бубрезите работеа лекарски тимови под раководство на д-р Сашо Дохчев, д-р Александар Трифуновски, д-р Ставридис и д-р Јанчулев со тим лекари од клиниката.

Во оваа постапка беа вклучени и лекарите од Институтот за трансфузиологија кои ја направија комплетната обработка за совпаѓање на донорот и на реципиентите на органи, лекарите од Институтот за радиологија кои ги направија потребните снимања, како и лекарите од Клиниката за нефрологија кои ги водеа и подготвија за трансплантација пациентите на дијализа.

Емилија Динева замина, но спаси три  животи

На гробиштата во Сретеново, на 24 мај годинава, дојранчани се збогуваа со својата сограѓанка и пријателка Емилија Динева. За нив таа е жена херој чие срце спаси еден човечки живот, а нејзините бубрези  спасија уште два пациенти што одеа на дијализа.

Тагата на семејството Диневи не може да се опише со зборови, особено затоа што загубија сопруга и мајка чиј живот завршил во сообраќајна незгода, но нивата храбра и благородна одлука спаси други животи.

Семејството вели дека Емилија била  прекрасна личност, жена посветена на семејството, на ќерката и синот, на внучето кое го доби од нејзината ќерка. Таа му се радуваше на животот, не знаејќи дека  несреќно, предвреме ќе го заврши.

Несреќата се случила додека одела на работа со нејзиниот мопед, со кој удрила во бетонска ограда, по што поради тешката повреда на главата и крвавењето, четири дена била во кома.

Тако ми се разбуди со солзи во очите, благословено нека е семејството Диневи

Васил Огњановски, синот на пациентот кому му е трансплантирано срце, изрази големо сочувство до семејството на починатата жена од кое неговиот татко го доби срцето.

-Пред сè едно големо сочувство и големо благодарам до семејството што со донирањето спасија три животи, од кој еден е животот на татко ми, рече Огњановски.

Како што посочи, сè се случило многу бргу. Им било јавено пред два дена дека е најдено срце и дека ќе биде извршена првата ваква трансплантација кај нас.

-Операцијата се направи и татко ми се разбуди. Еднаш докторите го спасија, го вратија меѓу живите, сега тоа го прават уште еднаш и едно многу големо благодарам за нив. Во државата имаме многу добри доктори што ќе спасат бројни животи, рече Васил, синот на пациентот кому му е трансплантирано срце.

Тој би сакал да се сретне со семејството на донаторката, но пред сè, како што кажа, би сакал прво да стивне нивната болка, па потоа да се запознаат, и тој и неговиот татко да биде во состојба да се запознае со нив.

 (В.Ма.)