Македонија горда, Грција лута – „Северна“ само на хартија

Изоставањето на „Северна“, во свечената изјава при инаугурацијата на новата претседателка на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, предизвика лавина реакции, како во домашната јавност, од политичарите кои се селат во опозиција, така и од меѓународната заедница. Дел од познавачите појаснија дека Сиљановска-Давкова постапила онака како што тоа го налага Изборниот законик, каде што зборот „северна“ не постои, туку стои Република Македонија, иако Изборниот законик датира од пред два месеца. Од кабинетот на новата претседателка соопштија дека „во своите јавни настапи, македонската претседателка има право да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација, почитувајќи ги основните човекови права и слободи, и согласно европските вредности и начела“. Оттаму додаваат дека „претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе се придржува до официјалната примена на уставното име“

1268

Никогаш нема да го изговорам зборот „Северна“, упорно тврдеше во предизборната кампања новоинаугурираната претседателка на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова. Иако таа само си остана доследна на ветеното, со што, меѓу другото, ги освои гласовите на 561.000 избирачи во земјава, сепак, чинот на нејзината инаугурација предизвика лавина реакции, како во домашната јавност, од политичарите кои се селат во опозиција, така и од меѓународната заедница. Најгласни, секако се Грците, каде што изоставањето на „Северна“ е ударна вест во грчките медиуми кои говорот на Сиљановска-Давкова го оценуваат како провокација. Уште пред инаугурацијата, од официјална Атина беа испратени пораки дека ќе чекаат да слушнат во која држава ќе се заколне новата претседателка, односно дали ќе го почитува Преспанскиот договор, имајќи ги предвид нејзините изјави во изборната кампања дека никогаш нема да каже „Северна“.

Сиљановска во свечената изјава не изговори ниту Република Северна Македонија, ниту Република Македонија, туку – Македонија. Од кабинетот на претседателката, вчера, соопштија дека „во своите јавни настапи, македонската претседателка има право да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација, почитувајќи ги основните човекови права и слободи, и согласно европските вредности и начела“.

 -Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе се придржува до официјалната примена на уставното име. Согласно Уставот, како што беше подготвена од службите на Собранието, свечената заклетва беше потпишана со користење на уставното име. Македонските институции во последниве пет години речиси целосно ги исполнија обврските од Преспанскиот договор и претседателката очекува сите македонски партнери да ги почитуваат билатералните и мултилатерални обврски кои ги презеле кон земјата, стои во ставот што го испрати кабинетот на Сиљановска-Давкова.

„Северна“ не постои во Изборниот законик

Дел од познавачите појаснија дека Сиљановска-Давкова постапила онака како што тоа го налага Изборниот законик, каде што зборот „северна“ не постои, иако Изборниот законик датира од пред два месеца. Во членот 123 од Изборниот законик, кој ја регулира свечената изјава која во Собранието треба да ја даде новиот шеф на државата стои:

„Изјавувам дека функцијата претседател на Република Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно, ќе го почитувам Уставот и законите и ќе го штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија”.

Ова, пак, го поставува прашањето зошто претседателот на Собранието во заминување Јован Митрески го наведе и зборот „северна“ во текстот на свечената изјава.

Професорката по Уставно право и политички систем проф. д-р Тања Каракамишева преку социјалните мрежи порача:

 -Член 123 од важечкиот Изборен законик го содржи текстот на свечената изјава што претседателката на Македонија, проф. Д-р Гордана Сиљановска-Давкова требаше да го каже во својата заклетва, и го кажа.

Самоидентификацијата е универзално право

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски, во изјава за весникот ВЕЧЕР, вели дека користењето на името Македонија од страна на новата претседателка Гордана Сиљановска-Давкова воопшто не е никакво кршење на Уставот, бидејќи се работи за историското име на оваа наша држава, коешто никој не може да го оспори. И тој појаснува дека во свечената изјава за инаугурација на претседател, сè уште стои „Република Македонија“. Како и да е, Атина, вели Никовски, мора да сфати дека самоидентификацијата е универзално право кое не зависи од никого.

-Впрочем и во самиот Устав во однос на заклетвата на новиот претседател стои Република Македонија. Тоа е членот 123 од Уставот. Истовремено се поставува прашањето околу реакцијата на странските фактори кои остро реагираат на таквата постапка на новата претседателка. Одговорот е многу јасен – како ние самите ќе се нарекуваме, тоа е наша работа и никој од страна нема право да ни поставува услови или ултиматуми кои сме и што сме. Во целина, борбата за одбраната на нашето уставно историско име започна вчера и ќе треба да продолжи на организиран, добро замислен начин, кој порано или подоцна ќе мора да води и кон ревизија или дури откажување и на договорот со Бугарија и на договорот со Грција. Првиот чекор во таа насока треба да биде откажување или отповикување од т.н. втор протокол со Бугарија, врз основа на кој се базира и преговарачката рамка со Унијата и ултиматумот да го менуваме Уставот. Со тоа, Македонија излегува од маѓепсаниот круг на игнорирање и понижување и почнува нова патека на европско интегрирање, вели амбасадорот Никовски.

Не сме до точка на вето

По насока од грчкото Министерство за надворешни работи, грчката амбасадорка во земјава, Софија Филипиду, демонстративно ја напушти собраниската ложа, откако Сиљановска-Давкова наместо Северна го употреби името Македонија и во заклетвата рече дека ќе го штити суверенитетот, територијалниот интегритет и независност на Македонија. Од официјална Атина веднаш пристигна осуда за постапката на македонската претседателка, но и закана дека „европскиот пат на Македонија и односите со Грција зависат од Договорот од Преспа“.

– Оваа постапка јасно го прекршува Договорот од Преспа, но и Уставот на соседната земја, кој е усогласен со нејзините меѓународни обврски. Грција, во овој контекст, категорично изјавува дека дополнителниот напредок во нејзините билатерални односи со Македонија, како и европскиот тек на земјата зависат од целосното спроведување на Договорот од Преспа и главно од употребата на уставното име на земјата, соопштија од Министерството за надворешни работи на Грција.

Портпаролот на грчката Влада, Павлос Маринакис, на вчерашниот редовен брифинг рече дека Атина во овој момент не е точка на вето, но порача дека „почитувањето на Договорот е неопходен предуслов за ЕУ перспективата на Северна Македонија“.

Маринакис го повтори ставот на Мицотакис дека ставот на Сиљановска-Давкова за време на инаугурацијата е „провокативен и навредлив и спротивен на Договорот од Преспа“, Договор за кој, како што посочи „ги обврза двете држави да го спроведат“.

-Ова е факт за кој не постојат многу толкувања. Исто така е нешто што се чини дека го прифатија целосно и претседателката на Европската комисија и претседателот на Европскиот совет кои веднаш реагираа, нешто што ги покажува и рефлексите на нашата земја и влијанието што веќе меѓународно го има Грција, да не го потценуваме тоа, бидејќи некогаш беше црната овца на Европа, посочи Маринакис.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, претходно преку социјалните мрежи ја оцени како нелегална, недозволива и провокативна, одлуката на Давкова да го користи името Македонија за време на нејзината инаугурација и ја повика новата претседателка „да се врати на законските должности и на однесувањата кои произлегуваат од нејзината улога“. И Мицотакис порача дека „секој чекор на Скопје кон Европа“, меѓу другото, зависи и од употребата на уставното име.

-Провокативниот избор на новата претседателка на С Македонија да го прекрши официјалниот текст на заклетвата и да ја нарече земјата со различно име претставува нелегална и недозволива иницијатива. Чин кој го прекршува Договорот од Преспа и самиот устав на нејзината држава. Но и поткопување на иднината на државата, како што веќе изјавија претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, напиша грчкиот премиер.

Договорите мора да се почитуваат

Фон дер Лајен потенцираше и дека за земјава да го продолжи својот пат кон ЕУ, потребно е да се почитуваат меѓународните договори како Преспанскиот. Во кратко соопштение прес-службата на Европската Унија изрази жалење поради тоа што новата претседателка на Република Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, во свечената изјава не го употреби уставното име на земјава, туку користеше само Македонија.

 -Европската Унија потсетува на важноста од целосно почитување на постојните, правно обврзувачки договори, вклучувајќи го и Договорот од Преспа со Грција, стои во соопштението.

И ставот на Соединетите Американски Држави остануваат цврсто посветени на Договорот од Преспа и на евроатлантските интеграции на земјава.

-Откако ќе се формира нова влада и ќе се избере премиер, ќе продолжиме да ја зајакнуваме важноста на почитувањето на меѓународните договори и придобивките од напредокот на државата со полноправно членство во Европската Унија, велат од Амбасадата на САД во земјава за 360 степени.

Странските медиуми, исто така пишуваат дека Сиљановска-Давкова повторно го разгорела спорот за името уште на денот на инаугурација.

И покрај бројните критики, изборите во земјава и легитимитетот што го добија ВМРО-ДПМНЕ и претседателката Сиљановска-Давкова беа неспорен показател и за Атина и Софија и за меѓународната заедница за расположението кај македонскиот народ и поддршката што народот ѝ го даде на новата власт во земјава. (В.С.Н.)

 

Бранувања до Софија: Имате одговорности

Бугарскиот претседател Румен Радев и бугарскиот в.д. премиер Димитар Главчев реагираа на инаугурацијата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која при давањето на свечената изјава изговори Македонија.

 -Бугарија не прифаќа изјави и однесување кои се во спротивност, како со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, така и со договорите меѓу Европската Унија и Република Северна Македонија, гласи ставот на Главчев.

Радев има идентичен став. Тој посочува и дека  земјава е членка на НАТО, од што произлегуваат соодветни обврски и одговорности.

-Бугарија постојано и јасно го кажува својот став дека договорите мора да се реализираат. Потсетувам дека РСМ е земја членка на НАТО, од што произлегуваат соодветни обврски и одговорности, порача бугарскиот претседател и предупреди дека европската перспектива на земјава зависи од стриктното спроведување на меѓународните договори од кои земјата е дел, како и од Преговарачката рамка одобрена од Европскиот совет во 2022 година.

-За информација на одговорните институции во РСМ, таа нема да биде ревидирана, вели Радев.

 

МНР: Сите политички чинители да бидат внимателни кон меѓународно преземените обврски

Министерството за надворешни работи соопшти дека ја потврдува цврстата определба на земјата кон недвојбено почитување на уставните одредби и на сите меѓународно преземени обврски, како што е целосното почитување на Договорот за стратешко партнерство меѓу Македонија и Грција, познат како Договорот од Преспа. МНР повикува на внимателност од страна на политичките чинители, особено, како што наведува, од избраните државни функционери.

-Изминативе седум години, двете соседни земји развија исклучително високо ниво на политички дијалог, кое резултираше и со неколкукратно зголемување на економската соработка и изградбата на позитивни врски меѓу луѓето. Овие придобивки резултираа со членството на земјата во НАТО, отворање на преговорите со Европската Унија, како и со надградба на стратешкото партнерство во стратешки дијалог со САД. Повикуваме на внимателност од страна на сите политички чинители, особено на избраните државни функционери. Задржувањето на евроатлантскиот курс на земјава претставува основен стратешки интерес и гарант за долгорочната безбедност и стабилност на земјата, стои во соопштението од МНР.