Лидерска средба – в понеделник точно напладне!

175

Премиерот Димитар Ковачевски ги повика шефовите на парламентарните политички партии на лидерска средба, што треба да се одржи во Собранието в понеделник, за да разговараат околу  изборите и измените на Изборниот законик. Ковачевски кажа дека ќе упати покана за состанокот и до претседателот на Собранието, Талат Џафери.

– Средбата ќе биде закажана за понеделник и ќе разговараме за евроинтеграцијата на Северна Македонија, одржувањето на редовните претседателски и парламентарни избори, како и за измените на Изборниот законик во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР, изјави Ковачевски.

ВМРО-ДПМНЕ прифати лидерската средба да биде в понеделник, а  очекуваат главни теми да бидат датумот за изборите, прифаќање на забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, и нивната понуда за укинување на техничка влада, во замена за тоа да нема технички премиер од ДУИ. Но, имаат забелешки дека комуникацијата на премиерот Ковачевски за  важни прашања се одвива преку медиумите и побараа состанокот да биде подоцна.

-Лидерска средба е секако прифатлива за во понеделник, очекуваме да се разговара конечно за прецизирање на датум за избори, прифаќање на забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, како и понудата за укинување на техничка влада – велат од ВМРО-ДПМНЕ. Бидејќи се одлучи за комуникација преку медиуми, замолуваме средбата да биде по 11 часот в понеделник, бидејќи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ има часови со студенти на Машинскиот факултет, реагираа од ВМРО- ДПМНЕ.

СДСМ возвратија дека жалат што му ја нарушуваат агендата на Мицкоски и потврдија дека лидерската средбата за изборите ќе се одржи во 12 часот.

-Мицкоски, очигледно, како што потврдува неговата ДПМНЕ, работи само два часа во текот на денот, од 9 до 11 часот. Средбата е в понеделник и ќе биде во 12 часот“, соопшти СДСМ.

Лидерската средба за изборите следува откако премиерот и претседател на СДСМ, Ковачевски, пред неколку дена изјави дека „мај нуди можност за одржување и на претседателски и на парламентарни избори“, иако досега тој не потврди дали изборите ќе бидат на 8 мај.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, изјави дека доколку 8 мај е прифатлив за одржување на вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори, тогаш изборите би се распишале најдоцна на 28 февруари, а техничката Влада би требало да се формира до 28 јануари.