Левица обвинува за тајни средби помеѓу Мицкоски и Ковачевски за исполнување на Софиската платформа – ВМРО-ДПМНЕ велат „тоа се лажни тврдења“

73

Левица обвинува дека имало наводни разговори помеѓу лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски и премиерот Димитар Ковачевски „во посредништво на структури од соседна Бугарија кои кулминираат со најновата понуда за промена на уставот според хрватскиот модел“.

Според партијата на Димитар Апасиев, ова се прави со цел исполнување на „Софиска платформа“.

-Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски преку лагата за безболен “хрватски модел” за менување на Уставот, обелодени дека совршено се вклопува во крајната цел на сегашниот неизбран премиер Димитар Ковачевски и пробугарската СДС. Минатото лето народот одлучно кажа НЕ за бугаризацијата на Македонија преку т.н. француски предлог и го искажа својот пркос за задржување на цивилизациското право на самоопределување. Сега, раководството на ВМРО-ДПМНЕ остава впечаток на амортизер на народното незадоволство, и затоа скапо ќе чини формирањето на нови лаги во координација со СДС и ДУИ. Вистината е дека, со овој модел се исполнува Софиската платформа. Како тројански коњ, овој модел води кон повторно наметнување на францускиот предлог низ работните групи. Затоа, учеството во овие работни групи е знак на предавство. Компромис не смее да има, бидејќи ние не говориме за европска извесност која следи туку за силен аларм за бугаризацијата на Македонија и роварење на странските служби низ државата, велат од Левица.

На ова реагираат од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата на Мицкоски демантираат било каква средба со премиерот.

-Ниту имало тајни средби, ниту пак ВМРО-ДПМНЕ разговара за прифаќање на уставните измени под бугарски диктат. Затоа против Левица ќе биде покрената тужба за клевета доколку не се извинат за лажните тврдења. Единствените можеби тајни средби се тие на Апасиев кога добива задачи од Богданка Кузевска за посериозни нарачки, велат од ВМРО-ДПМНЕ