Левандовски, доста беа изговори!

87
epa10216273 FC Barcelona's Polish striker Robert Lewandowski attends a training session of the team at Joan Gamper de Sant Joan Despi sports complex in Barcelona, Spain, 30 September 2022, on the eve of their Spanish LaLiga soccer match against RCD Mallorca. EPA-EFE/Alejandro Garcia

Барселона во саботата гостуваше кај Рајо Ваљекано и Столе Димитроевски, а освоениот бод нема никаква допирна точка со очекувањата на каталонскиот гигант.

Четата на Чави Хернандез се обидува да остане конкурентна во трката за титулата, но новиот кикс лесно може да се покаже и како клучен кога е во прашање одбраната на шампионската титула.

Барса моментално е четврта со 31 бод, зад Реал (М), Џирона (34) и Атлетико М. (31).

Постои оправдана загриженост кај навивачите во Барселона, но има уште многу да се игра до крајот на сезоната и конечниот епилог може да биде сосема поинаков. Сепак, каталонскиот весник „Спорт“ има интересна насловна на која Роберт Левандовски е во депресија, а над фотографијата пишува: „Доста беа изговори“.

Не е познато дали овој наслов се однесува конкретно на Левандовски или на целиот тим на Барса. Полјакот имаше одличен старт во новата сезона, но во последно време не е во некоја посебна форма.

Од почетокот на оваа сезона, капитенот на полската репрезентација одигра вкупно 15 натпревари, на кои постигна осум гола и додаде четири асистенции.

Освен дуел во ЛШ против Порто, каталонскиот гигант има многу тежок распоред во Ла Лига, бидејќи ќе биде домаќин на Атлетико (М) и на Џирона.

Инаку, раководните лица на Барса се незадоволни од судењето против Р.Ваљекано и сметаат дека не им е досуден „чист пенал“.

„Стартот врз Рафиња е очигледен. Многу јасен. Сите ми велат така“, изјави тренерот на Барса на прес-конференцијата по натпреварот.