Лабина Митевска за македонскиот претставник на Берлинале: Се прашуваме каков свет ќе и оставиме на жената во иднина

263

Филмот “Господ постои, името и е Петрунија“ во режија на Теона Стругар Митевска ќе се натпреварува на Берлинскиот филмски фестивал, кој годинава ќе се одржи од 7 до 17 февруари. Со овој филм, чија премиера е на 10 февруари во Берлин, Македонија, за првпат во историјата на македонската кинематографија, ќе учествува во главната програма на фестивалот, а по повеќе од дваесет години, ова е прво учество на нашата земја во главна конкуренција на еден од трите најголеми фестивали во светот (Кан, Берлин, Венеција). Ова е и повод за разговор со продуцентката на филмот Лабина Митевска…

Читајќи ја кратката содржина на „…Петрунија“, ми наликува на краткиот филм „Види ја ти неа“. Зошто се одлучи режисерката, но и Вие како продуцент, да креирате филм на речиси иста тема?

Пред се, би сакала да ги расчистам дилемите, доколку постојат, во однос на тематиката на краткометражниот филм “Види ја ти неа“. Имено, не се работи за одлука да снимаме филм на иста тема, бидејќи впрочем и не сме знаеле дека постои таков проект кога започнавмеда ја работиме темата. Би сакала да потенцирам дека на сценариото за овој филм се работеше од 2014, во 2015 веќе бевме пријавени на Медиа програмата, учествувавме на Paris co-production Village, па на Cinelink, каде што добивме и награда за развој од Еуроимаж. Во 2016, на истиот конкурс од страна на Агенцијата за филм, ние добивмеподдршка за “Господ постои, името и е Петрунија“ во конкуренција за долгометражен филм, а пак колегите за “Види ја ти неа“ за краткометражен. Сигурна сум дека тоа што и друг автор во меѓувреме ја обработува оваа тема, е само потврда за актуелноста и инспиративноста на настанот.

Зар во Македонија, со сите системски недостатоци на општествено, социјално, образовно, политички, етничко… ниво како држава, нема теми за обработка…!!? Ми се чини, или авторите бегаат или уште полошо, не ги препознаваат проблемите со кои е засегнато општеството?

Мислам дека вистинското прашање е дали е навистина неопходно секој македонски филм да обработува теми врзани со системските недостатоци? Често сме сведоци дека македонската кинематографија наидува дури и на критика од страна на познавачите на филмската индустрија, токму поради преоптовареноста на македонскиот филм со општествените проблеми со кои се соочува нашата држава и тоа се толкува во контекст дека Македонецот е оној вечен “паталец“, кој низ историјата постојано се бори со стегите на општественото дејствување. Не велам дека треба да се запоставуваат, напротив, тврдам дека за нив треба да се зборува гласно и преку уметничка, а не само преку политичка форма, доколку сакаме да поттикнеме општествени промени, меѓутоа изборот на темата верувам дека сите се согласни дека е апсолутно право на авторот. Од друга страна, пак, токму во насока на пресликување на општествените проблеми на големото платно, би сакала и да потсетам дека Теона Стругар Митевска апсолутно во секој филм нуди силна критика на различни мачни аспекти од нашето македонско секојдневие. Критиката не е исклучена ниту во “Господ постои, името и е Петрунија“, имено пошироката слика на филмот е токму општеството полно стереотипи и улогата на жената во него, нејзиното место во религијата, но и тоа каков свет ќе и оставиме на жената во иднина. Како што впрочем говори и името на филмот, борбата против стереотипите оди дотаму што се истакнува идејата за полот на Бога и важноста на факторот на полот, како еден од главните чинители во нашето општество. Теона ќе рече „доведувајќи ја во прашање претставата за полот на врховниот создател, сакам да ја наметнам идејата за побуна и за важноста на бунтовникот, за да се дојде до промена“, а јас ќе се согласам и ќе додадам дека борбата и еднаквоста на жената во нашето општество е еднакво важна како системските недостатоци на социјално, образовно, политичко или етничко ниво. Доколку етничките проблеми ги потенцираме како вредна тема за обработка, зошто не би ја потенцирале и родовата нееднаквост?

На многу од фестивалите од категорија А, последниве години им се забележува што во главната конкуренција не се избрани филмови од автори-жени. Дали сметате дека во случајот со „…Петрунија“ пресуди уметничкиот квалитет (иако во соопштението рековте дека филмот во се уште незавршена форма бил селектиран), или пак, политиката на фестивалите за поголема застапеност на автори – жени?

Токму фактот што нашиот филм беше селектиран во незавршена форма, верувам доволно говори за неговиот уметнички квалитет. Исто така верувам и дека поддршката од престижниот Еуроимаж фонд и Медиа фондот за развој на проекти само дополнително ја детерминираат високата позиција за која претендира овој проект, а вреди да се спомене и дека ова е само трет македонски филм кој добива целосна кино дистрибуција во Франција. Продажбата и дистрибуцијата на филмот во Франција е веќе потврдена и закажана за 26 април од страна на агентот за продажба Пирамид. Оттука, апсолутно дека продукцијата “Сестри и Брат Митевски“ стои зад квалитетот на ова дело, како што впрочем стојат и останатите 5 земји копродуценти. Во насока на поголемата застапеност на жените автори во главната конкуренција на филмските фестивали, особено од А категорија, ќе се согласам дека станува се поактуелна тема. Впрочем, би рекла дури и дека е многу значајна цивилизациска тема во еден клучен развоен период на човештвото. Сведоци сме на слични обвинувања и деновиве, по објавувањето на номинациите за Оскарите каде што нема ниту една жена-автор, меѓутоа понекогаш се прашувам и дали можеби се работи за “вештачки“ наметнато прашање за дискриминацијата на жените или е тоа навистина така? Доколку, да речеме, Холивуд нема квалитетен филм од женски автор, тогаш логично и дека не мора да влезе во трката по Оскарот, исклучиво поради задоволување на родовата еднаквост. Аналогно на тоа, доколку Берлин пак спротивно, има женски автори во својата селекција, логично е и дека истите би го нашле своето место на престижната листа за главната компетиција, како што впрочем го најдоа и други жени автори покрај Теона, како Isabel Coixet – Шпанија, Agnieszka Holland – Полска, Nora Fingscheidt – Германија. Не смееме да заборавиме дека влезот во Берлин е влез на голема порта и убедена сум дека фестивал од таков ранг, кој секоја година привлекува десетици илјади посетители од целиот свет, не би си дозволил пресудна улога за Златната мечка да биде политиката за поголема застапеност на жените.

За наградите на годинешново Берлинале ќе одлучува интернационално жири, на чело со Жулиет Бинош. Дали на македонската кинематографија, конечно и се насмевна среќата, бидејќи за „…Петрунија“ одлучува токму добитничката на Специјалната награда „Златнакамера 300“ на ИФФК „БраќаМанаки“ во 2014, кога токму вие бевте директор на фестивалот?

Навистина е интересна таа поврзаност, но уште поинтересно е да се потенцира дека ако од локална перспектива можеби се чини дека “тоа така се средува“, во меѓународните кругови, тоа е недозволиво. Во спротивно би се коселе со севкупната европска политика и со европските строги стандарди, било да се тоа општествени, социјални, политички, или пак од уметничка природа во доменот на европската култура. Би рекла и која би била вредноста и воопшто смислата на фестивалите од А категорија, (Кан, Венеција, Берлин), доколку работите би функционирале како што можеби можат, а не треба, да функционираат на локално тло. На секој од овие фестивали конкурираат по 7.000 – 8.000 филмови и дури и кога би сакала да е спротивно, но јас, Лабина Митевска, апсолутно ја немам таа моќ во европската кинематографија. Едноставно, работите не одат така и е апсолутно недозволиво, помалку и смешно, да ви биде доделена една Мечка, Палма или Лав, само поради фактот што претседателот на жири-комисијата ви е можеби познаник, а притоа филмот ви е лош. Секако дека би сакала, како што велите, “на Македонија да и се насмевне среќата“, но овој филм на Берлин влегува чесно, во силна конкуренција. Во спротивно би ја девалвирале севкупната филмска уметност и би ја свеле на некаква балканска турбо-фолк естрада. Професионалната репутација се стекнува навистина макотрпно во едно вака компетитивно поле и верувам дека треба да постои почит кон македонските автори за вложениот труд и пот, а неминовно и за остварениот успех. Доколку јавноста цени дека во конкуренција на Берлинале е возможно да се влезе поради минати соработки и познанства, би рекла дека ставот ќе остане само како сведоштво за непочитувањето кон сопствената кинематографија, што ќе ни ја олесни и понатамошната дијагноза за состојбите во културата и општеството. (Н.И.Т.)