К-15 легнува на сметки – за едни 36 илјади, за други 14 илјади денари!

Во приватниот сектор минималниот износ на К-15, кој годинава треба да се исплати, изнесува 40 отсто од просечната плата за последното тромесечје, односно 14.000 денари. Овој износ може минимално да варира во зависност од тоа во кој месец се исплаќа и колкав е тримесечниот просек. Најголем износ на К-15 кој може да биде исплатен изнесува 100 отсто од просечната плата односно нешто над 36 илјади денари. Во државата има компании од приватниот сектор кои исплаќаат регрес за годишен одмор во висина на просечната плата

21527

Минималниот износ на К-15 кој оваа година треба да биде исплатен изнесува 14.000 денари. Зголемениот износ на регресот за годишен одмор кој газдите годинава треба да го исплатата на работниците од приватниот сектор се должи на растот на просечната плата. Овој износ се добива кога ќе се земат предвид последните три просечни месечни плати што ги објавил Државниот завод за статистика и кога од нив ќе се пресмета правото на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 проценти. Со потпишување на Општиот колективен договор меѓу Владата и Сојузот на синдикати на Македонија годинава и работниците во јавниот сектор ќе добијат регрес за годишен одмор линеарно по 10.000 денари, кои ќе биде исплатен до крај на годината.

-Согласно Општиот колективен договор 138 илјади работници од јавен сектор годинава ќе добијат К-15 по 10 илјади денари линеарно. В година регресот за годишен одмор ќе изнесува 30 отсто од просечната плата која е исплатена во 2023 година. Инаку К-15 годинава ќе добијат сите јавни институции, организации, установи, јавни претпријатија, а како најбројни полиција, здравство, образование, судство, култура… ССМ будно ќе ја следи исплатата на К-15 и на зголемените плати и ако забележиме неправилности ќе пријавиме во Државен инспекторат за труд, изјави за весникот ВЕЧЕР, Иван Пешевски, претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање и потпретседател на Советот на ССМ за приватен сектор.

Тој додава дека во приватниот сектор минималниот износ на К-15 кој годинава треба да се исплати изнесува 40 отсто од просечната плата за последното тримесечје, односно 14.000 денари. Овој износ може минимално да варира во зависност од тоа во кој месец се исплаќа и колкав е тримесечниот просек.

-Најголем износ на К-15 кој може да биде исплатен изнесува 100 отсто од просечната плата, односно нешто над 36 илјади денари. Во државата има компании од приватниот сектор кои исплаќаат регрес за годишен одмор во висина на просечната плата, појаснува Пешевски.

Исплатата на К-15 законски треба да почне од 1 јули во сите фирми и институции во државата, бидејќи не постои компанија која е ослободена од плаќање на регрес за годишен одмор кој им следува на работниците. Со доаѓањето на крајот на годината се стеснува и рокот до кој мора сите компании на своите работници да им исплатат К-15. Законот за работни односи предвидува право на регрес за годишен одмор за сите вработени лица кои имаат остварено најмалку шест месеци непрекинат работен стаж кај работодавачот во тековната година, без разлика дали вработениот е пријавен во компанијата на неопределено или определено време.

Регресот за годишен одмор е поврзан со правото на користење на годишен одмор на работникот. Доколку работникот е пријавен на пола работно време, односно 20 часа неделно му следуваат најмалку 10 работни дена годишен одмор и исплата на половина износ од утврдениот регрес. Во случај кога работникот е пријавен на цело работно време, односно 40 часа неделно му следуваат најмалку 20 работни дена годишен одмор, односно најмногу 26 работни дена и исплата на целиот износ за регрес.

Регресот за годишен одмор се исплаќа до крајот на работната година, односно до 31 декември, а неговиот минимален износ треба да изнесува најмалку 40 проценти од просечната нето-плата по вработен исплатена во последните три месеци.

За работодавците, кои нема да им исплатат регрес за годишен одмор на своите вработени, законот предвидува казна до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра за компанијата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа.

(А.С.)