Курт Елинг настапи во Скопје: Треба да се гордеете со Националниот џез-оркестар на Македонија

561

Националниот џез-оркестар само за неколку дена, по настапот во Тирана, оствари уште еден извонреден концерт, овој пат заедно со американскиот џез-вокал Курт Елинг во Скопје.

Елинг синоќа во Македонскиот народен театар, во час и половина, на публиката ѝ понуди прекрасен, емотивен концерт, а со својот глас како во стилот на Френк Синатра ги шармираше присутните кои го поздравија со овации.

Пред крајот на концертот, тој лично на публиката ѝ ги претстави, ги прочита сите членови на Националниот џез-оркестар со име и презиме со својот американски акцент што во салата предизвика аплаузи и задоволство.

Се пошегува дека веќе нема да зборува на македонски јазик, зошто во нашата земја пристигнал ден пред концертот и немал доволно време да го научи.

„Се надевам дека повторно ќе пеам со овој бенд пред вас многу скоро. Ова е Националниот џез-оркестар на Македонија. Треба да се гордеете со него“, рече Елинг.

Пред концертот, пак, диригентот Џијан Емин, за весникот ВЕЧЕР, зборувајќи за Елинг истакна дека станува збор за вокален солист од највисок ранг.

„Господинот Курт Елинг е навистина голема реткост да се види и слушне на овие простори за првпат во Македонија со нашиот џез-оркестар. По успешниот настап на Загрепскиот џез-фестивал, по долги преговори се најде простор и време за реализација на неговиот настап во Скопје“, ни изјави Емин.

На концертот беа изведени композиции специјално аранжирани за настапот на  Елинг од некои од најдобрите светски аранжери и композитори како Мајкл Абене, Боб Минтцер, Дјук Елингтон, Тим Хаганс. „Текстовите за повеќето композиции ги има напишано самиот Елинг, полни се со филозофски мисли и инспирирани од случки од вистинскиот живот“, ни истакна претходно Џијан Емин.

За соработката со еден од најдобрите светски вокали и двократен добитник на наградата „Греми“, Гоце Стевковски, директорот на Националниот џез-оркестар пред концертот ни истакна дека заедничкиот концерт во Скопје се реализирал по нивниот првичен настап на Загрепскиот џез-фестивал во 2021 година. „Затоа што тој нема настапувано во овој дел од регионот беше нормално, логично да ја продолжиме таа соработка со еден прекрасен концерт во Скопје, што за Националниот џез-оркестар има големо значење“, додаде Стевковски за весникот ВЕЧЕР. (Н.И.Т.)