Кој ќе ја води Македонија?!

На гласачкото ливче, кое веќе е речиси испишано, се најдоа многу познати имиња - од актуелниот претседател, пратеничка, министер, лекар, професорка, па сè до градоначалници. Стево Пендаровски, Гордана Силјановска-Давкова, Бујар Османи, Арбен Таравари, Билјана Ванковска, Стевчо Јакимовски и Максим Димитриевски се досега потврдени кандидати кои ќе се најдат во трката за претседател на Македонија. Комуникологот Бојан Кардалов, за весникот ВЕЧЕР, изјави дека сите кандидати се познати и со изграден имиџ во јавноста. Повеќе кандидати значи и поголем избор за граѓаните, вели тој. Сепак смета дека за граѓаните одлучувачко при гласањето ќе биде тоа која партиска опција треба ја предводи Македонија во иднина. - Моја проценка е дека граѓаните ќе одлучуваат за нов шеф на државата според тоа каква власт сакаат да има во земјава, а тоа значи дали тие ја сакаат актуелната власт или, пак, да дојде нова власт. Тоа ќе биде доминантна одлука како ќе се избере новиот претседател, вели Кардалов

154

На гласачкото ливче за нов шеф на државата, кое веќе е речиси испишано, се најдоа многу познати имиња од актуелниот претседател, пратеничка, министер, лекар, професорка, па сè до неколку градоначалници.

Стево Пендаровски, Гордана Силјановска-Давкова, Бујар Османи, Арбен Таравари, Билјана Ванковска, Стевчо Јакимовски и Максим Димитриевски се досега потврдени кандидати кои ќе се најдат во трката за претседател на Македонија и за чија кандидатура за претседатели денеска ќе започне собирањето на потребните 10 илјади потписи.

Актуелниот претседател Стево Пендаровски ќе влезе во трка за втор мандат, откако неговата кандидатура ја доби поддршка од највисокото партиско раководство на СДСМ, на состанок на 21 февруари, вечерта. Одлуката Пендаровски да биде кандидат за претседател ќе се најде пред членовите на Извршниот и Централниот одбор на партијата, а наредните денови се веќе планирани средби со коалициските партнери. На 3 март, пак, се очекува да се одржи и официјалната промотивна конвенција.

„Пендаровски е победнички кандидат, со најголем коалициски капацитет, кој заедно со СДСМ и со партиите од прогресивниот, демократски блок, силно ја споделува визија за европска иднина на државата. Тој во досегашниот мандат го врати интегритетот и кредибилитетот на институцијата Претседател и покажа што значи да се биде претседател за сите граѓани“, велат од СДСМ

На Пендаровски ова ќе му биде трета кандидатура по ред, а тој има една победа и еден пораз.

Противкандидат на Пендаровски во претседателската трка ќе му биде пратеничката Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ како и на последните претседателски избори во 2019 години. Како што потврдија од партијата, Гордана Силјановска-Давкова била единствената која се пријавила и поднела план, програма за работа и потписи од партиски делегати на огласот, а нејзината кандидатура треба да се потврди на партиска конвенција на почетокот на март

Професорката Гордана Силјановска-Давкова, која денеска поднесе кандидатура во ВМРО-ДПМНЕ за претседателка на државата за претстојните избори рече дека таа ќе се залага за консензус меѓу сите партии и за одење во ЕУ со стандарди, а не со фронтови и зборови. Рече дека причина поради која по втор пат се кандидира за претседателка е бидејќи граѓаните се во агонија, и дека време е за жена претседател.

„Моите колеги пратеници ме убедуваа да се кандидирам и за кусо време без да знам собрале потписи. Јас ќе собирам и 10.000 граѓански потписи. Ако градиме консензус ќе бидеме посилни. Ако не се почитуваме себеси не може да очекуваме почит од никого. Во Европската Унија се оди со стандарди во сите области, а не само со зборови ЕУ, ЕУ љубов моја или со како што велат европски фронт“, рече Силјановска-Давкова.

Силјановска-Давкова на претседателските избори во 2019 година беше претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и беше поразена од кандидатот на СДСМ и актуелен претседател Стево Пендаровски. На парламентарните избори во 2020 беше носителка на листа на ВМРО-ДПМНЕ во првата изборна единица и стана пратеничка во Собранието.

Дел од членството на ВМРО-ДПМНЕ вчера излезе со увереност дека со кандидатурата на Силјановска извесно е дека Македонија ќе добие нова претседателка на државата и дека таа  ќе води сметка пред сè за националниот интерес на државата.

– Гордана Силјановска-Давкова е мојот избор, а убеден сум дека таа ќе биде изборот на граѓаните! Убеден сум дека професорката Гордана Силјановска одлично ќе ја води државата, водејќи сметка пред сè за националните интерес, а потоа и за интегративните процеси низ кои во следниот период ќе поминува државата, вели градоначалникот на Аеродром од ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски.

И ДУИ во трката за претседател на државата влегува со име кое е добро познато во јавноста.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, кој имаше јавно обраќање преку социјалните мрежи, потврди дека кандидат за претседател ќе биде министерот за надворешни работи Бујар Османи. Ахмети рече дека Македонија е пред најважниот референдум на кој треба да се каже „Не за Русија, и да за Европа“ и во тој контекст побара да му се искаже поддршка на Бујар Османи.

Тој ги повика граѓаните, тогаш кога ќе се отвори Уставот заради внесување на Бугарите во преамбулата, да се внесе и измена со која граѓаните ќе избираат претседател и заменик-претседател со 2/3 од гласовите, односно со двојно мнозинство, според Бадентер. Вели дека отворањето на Уставот за прашањето на претседателот, ќе го овозможи и одобрувањето на Договорот за добрососедство и продолжување на европската интеграција.

-Ве поканувам да ни се придружите на најважниот референдум на кој треба да кажете „не“ на Русија, „да“ на Европа! Ајде да избереме претседател и заменик- претседател со 2/3 од гласовите и двојно мнозинство според Бадентер. Бујар треба да ја очекува оваа промена што ја бараме и во нашата програма за 2016 и 2020 година, рече Ахмети.

Претходно кандидати објавија и од албанскиот опозициски блок, кој застана зад актуелниот градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари.

И Таравари, кој првично не беше заинтересиран за претседателската фотелја, сега  за  себе вели дека има намера да влезе во вториот круг и дека ќе се залага за внесување на Бугарите, но и на другите малцинства во Уставот, отстранување на 20-те проценти што го дефинираат албанскиот јазик и изборот на претседател да се прави во Собрание, а не преку избори како досега.

Од парламентарните парти прва својот кандидатура ја соопшти Левица, која ја промовираше универзитетската професорка Билјана Ванковска од Филозофскиот факултет во Скопје, која пак за себе вели дека нема да биде политичка манекенка. И  ГРОМ објавија дека го предлагаат градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, за свој кандидат, а тој за себе вели дека ќе понуди излез од разочараноста на граѓаните од црно-белиот свет во Македонија, во кој се менуваат една или друга партија.

Свој кандидат денеска објави и новоформираната партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој ќе се трка и за нов шеф на државата.

Како што рече портпаролот Никола Мемов, граѓаните првпат ќе имаат можност да гласаат за одредена опција, а не како досега, да гласаат против.

– Нашата анализа покажува дека Димитриевски ќе влезе во вториот круг, за потоа да имаме и конечна победа“, изјави Мемов

Свој претседателски кандидат се очекува да објави и партијата Нова алтернатива, чиј претседател од неодамна стана градоначалничкатана Скопје, Данела Арсовска, која изјави дека нема да биде претседателски кандидат, туку носител на листата на кандидати за пратеници во Изборната единица 1. На гласачкото ливче за претседателските избори претендира да се најде и инфектологот Вело Марковски, кој е единствен независен кандидат.

Марковски, како и останатите кандидати за да се најдат на гласачкото ливче, во наредниот период ќе треба да соберат 10.000 потписи од граѓани во подрачните единици на ДИК.

Аналитичарот Бојан Кардалов за весникот ВЕЧЕР изјави дека очекува дека ќе има интересна претседателка трка, со оглед дека станува збор за кандидати со изграден имиџ и кои се присутни во јавноста.

Карадлов, меѓутоа, не е сигурен дали луѓето повеќе очекуваат да има нови имиња или, пак, познати политички субјекти за да излезат и да гласаат во поголем број на претседателските избори. Смета дека многу кандидати ќе значи и поголем избор за граѓаните, но дека за граѓаните одлучувачко при гласањето ќе биде тоа која партиска  опција дека треба ја предводи Македонија во иднина.

-Моја проценка е дека граѓаните ќе одлучуваат за нов шеф на државата според тоа каква власт сакаат да има во земјава, а тоа значи дали тие ја сакаат актуелната власт или, пак, да дојде нова власт, тоа ќе биде доминантна одлука како ќе се избере новиот претседател, вели Кардалов.

Во однос на тоа  дали за победа на Пендароски или на Силјановска ќе биде клучна што поголема поддршка од  коалициските партии аналитичарите велат дека треба да се види и кој продолжува во вториот круг за да се видат и постизборните коалиции.

Иако СДСМ и  ДУИ излегоа со свои претседателски кандидати, а не со консензуален кандидат, како што се споменуваше претходно, Кордалов вели дека тоа не е ништо ново.

-Новина ќе беше да одеа заедно ДУИ и СДСМ, оти досега во прв круг не оделе заедно.

Како и да е тој  се надева дека ќе имаме интересна трка на аргументи и визии за државата како на претседателските избори во 2019, кога трката се водеше меѓу Пендаровски и Силјановска. Но од друга страна смета  дека и тоа сега може да падне во сенка поради дисквалификациите што наголемо си ги упатуваат партиите.

М.С.